Изградбата на споменикот на холокаустот во Берлин добро напредува
13 јули 2004Споменикот за жртвите од холокаустот во германскиот главен град е до половина готов. По тој повод вчера беше организирана прослава, на која претседателот на парламентот, Волфганг Тирзе, министерот за култура Кристина Вајс и архитектот Петер Ајзенман изразија големо задоволство од напредувањето на градежните работи. Ако и понатаму се се одвива според планот, споменикот ќе биде отворен за посетителите на 9.мај идната година, точно на 60-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
Околу 1400 од вкупно предвидените 2751 бетонски столб веќе се готови и полека се добива впечатокот на раздвижено житно поле, кога се гледа од далеку. Но, лиричното “житно поле“ во непосредна близина на Бранденбуршката порта, кога се минува низ него предизвикува чувство на тегоба и на изгубеност. Споменикот за убиството на 6 милиони европски Евреи и треба да има такво влијание на посетителот, смета претседателот на Фондацијата за споменикот на холокаустот, Волфганг Тирзе:
“Тоа и не треба да биде некаков симпатичен споменик, туку во вистински смисол на зборот поттик за размислување, за сеќавање и дискусија за минатото!“
Отприлика до половина е готов и информативниот центар, сместен под бетонските столбови, во кој посетителите ќе се запознаваат со стравотиите на холокаустот преку сликовито претставените судбини на повеќе еврејски семејства, надополнети со околу 4000 интервјуа на преживеани. Портпаролот на Фондацијата за изградба на споменикот очекува споменикот да го посетуваат по околу половина милион посетители годишно.