Изборниот резултат од Баварија се отсликува во политички Берлин
30 септември 2008Форцхајмер цајтунг предупредува дека персоналната промена во ЦСУ ни од далеку нема да ги реши проблемите во партијата „Мора да се направат содржински промени, доколку Унијата не сака и натаму да ја губи наклонетоста на граѓаните, на престојните парламентарни избори на сојузно ниво. Изборите во Баварија сосем јасно покажуваат каде лежи зајакот, и тоа за двете народни партии: Кога се движат кон центарот им недостасува јасен профил.“
Зиддојче цајтунг верува, дека помина времето на големите партии: „Во Италија и Франција старите народни партии се распаднаа, во Австрија се држат една со друга стравувајќи за нивното преживување и се приближуваат кон десните радикали. Во Германија каде се’ се одвива поспоро, прво цветаат помалите партии од различно потекло. Но наскоро уште пожестоко ќе бидат погодени големите - прво СПД потоа и ЦДУ. Доколку на изборите на сојузно ниво и двете партии загубат, аналогно на изборите во Баварија, за двојна констелација нема да биде доволно, а можеби нема да биде доволно ниту за политички многу тешката тројна констелација. Тогаш некогашните големи ќе останат толку долго една крај друга, додека самите не стана мали - како во Австрија“ предвидува Зиддојче цајтунг.
И Франкфуртер алгемајне цајтунг извлекува паралелели меѓу изборните резултати во Баварија и Австрија „Тука како и таму се забележа слабост во раководството, кое не е толку долго на функцијата, поточно сеуште нема цврста местоположба во сопствената партија, а тоа се одрази и кај бирачите. Тука како и таму партиите порадо трчаа по многуте, делумно спротивставени желби на избирачите, наместо со јасен профил и јасни зборови да ги убедат граѓаните во сопствените водечки квалитети. Оној кој се обидува да го копира рецептот на успехот на популистите, не мора потоа да се чуди, ако избирачите на крајот го претпочитаат оригиналот. “ забележува Франкфуртер алгемајне цајтунг
Штутгартер нахрихтен смета „Проблемот на двете народни партиите е во тоа што нивната политика на сојузно ниво се деполаризираше. Премногу заеднички работи, премалку обележја по кои се разликуваат. Премногу компромиси во коалицијата, премалку можности за позиционирање. Ако Унијата и СПД сакаат да останат народни партии, и ако не сакаат и натаму да ја јакнат позицијата на малите партии, тогаш мораат подобро порано отколку подоцна да се дистанцираат една од друга. Уште една година Голема коалиција, да се издржи до изборите во 2009? Порадо не.“ пишува Штутгартер нахрихтен.