Згреши ли Бугарија со Јужен тек?
13 јуни 2014Бугарската влада е во тешка криза. Наредната недела треба да се разговара за термин за одржување предвремени парламентарни избори. Проблемите на владата, во која доминираат социјалистите, според експертите, имаат врска и со гасоводот Јужен поток. Во бугарската јавност е создаден впечаток дека Софија потклекна пред Западот и дека крева раце од еден, за земјата, многу вносен проект.
Европската комисија минатата недела покрена казнена постапка против Бугарија поради гасоводот. Поради тоа, Софија ги суспендираше работите околу проектот. Во Брисел е изразено сомневање во тоа дали доделувањето на работите во врска со проектот е во согласност со европското право. Рускиот концерн Гаспорм, имено, контролира 50 проценти од вкупната гасоводна мрежа, вклучувајќи го и целиот гасовод во Бугарија. Тоа е во спротивност со т.н. трет енергетски пакет на ЕУ. Суштината на тој пропис е да се одвои производството на гас од транспорот и снабдувањето на потрошувачите, за да не се спречи пазарната конкуренција.
Освен тоа, налогот за градење во Бугарија е доделен на конзорциум предводен од руското претпријатие Стројтрансгас. Поранешната фирма-ќерка на Гаспром е на листата на претпријатија кои се погодени со американските санкции против Русија поради конфликтот во Украина. По разговорот со тројца американски сенатори, бугарскиот премиер Пламен Орешарски најави суспензија на работите околу Јужен поток, се‘ додека не се расчисти работата со приговорите на ЕУ. Истовремено, две владеачки партии во Бугарија, социјалистите и партијата на турското малцинство ДПС, се изјаснија за предвремени избори, само една година по преземањето на власта од страна на кабинетот на Орешарски.
Вносна зделка за Бугарија
Учеството во Јужен тек на Бугарија би и‘ дало можност да добие попуст за рускиот гас. Од друга страна, би се зголемила сигурноста за снабдување со гас, затоа што со него се заобиколува Украина. Бугарија е зависна од руски гас. Деведесет проценти од потребите земјата ги покрива со руски гас. Актуелниот спор околу гасот меѓу Русија и Украина буди страв во Софија дека може да дојде до криза во снабдувањето со гас, како што беше случај во минатото.
Освен тоа, Бугарите се надеваат дека Јужен поток ќе им донесе инвестиции во милијарди евра и илјадници нови работни места. Затоа, во најсиромашната членка на ЕУ има голема поддршка за проектот и големо незадоволство со политиката во Брисел во случајот Јужен поток. Познат политички аналитичар во Бугарија, кој сака да остане анонимен, во разгвоор за Дојче веле оценува: ЕУ нема пари за да и‘ даде поддршка на Украина во спорот со Русија околу гасот. Токму затоа Брисел сака да го запре Јужен поток, за да ја уценува Москва и да го задржи транзитот низ Украина. Од тоа, на крајот на краиштата, ќе страдаат само Бугарите. А Јужен поток можеби сепак ќе се изгради, но преку Турција, која не се грижи поради притисокот на ЕУ.“
И претседателот на Комисијата за надворешни работи на Думата, Леонид Калашњиков, зборуваше за „уцена“„Со блокадата Западот в раце има адут кој е посилен од сите досегашни санкции против Русија“, вели рускиот политичар.
Лешови во подрумот?
Бугарската влада во судирот околу Јужен поток попушти пребрзо, оценува политикологот Огњан Минчев, претседател на бугарскиот оддел на Транспаренси Интернешенл. „Пламен Орешарски доживеа неуспех како премиер. Тој не смееше едноставно да се откаже од Јужен тек, туку требаше и натаму да преговара со ЕУ околу усогласувањето на проектот со прописите на ЕУ“, вели Минчев.
Тој е убеден дека бугарската влада по прашањето на Јужен тек има многу „лешови во подрумот“ и дека токму поради тоа се противи да ги објави документите за преговорите со Москва. Минчев и други бугарски експерти, кои уште повеќе го критикуваат проектот, претпоставуваат дека документите намерно се формулирани така за да овозможат корупција при доделување на јавните работи околу гасоводот. Во таа смисла во Софија кружи една интерпретација на сегашната владина криза, која звучи речиси како теорија на заговор, вели Минчев. Според нејзе, наводно двата досегашни коалициони партнери го поделиле колачот така што социјалистите, кои и‘ се поблиски на Москва, би можеле да профитираат од Јужен поток, а помалиот партнер ДПС од парите на ЕУ, за кои се главно надлежни министрите од ДПС, нагласува политикологот.
За Јужен тек и снабдувањето со енергија станува збор и на актуелната турнеја во САД на поранешниот премиер Бојко Борисов. Конзервативниот политичар, кој има добри шанси да дојде повторно на власт по предвремените избори, веќе врбува партнери за американски инвестиции во бугарски гасоводни проекти на Црното Море. Со тоа, тој, според желбата на Западот, му врти грб на Јужен поток, иако токму тој го потпиша договорот со Москва.