Збогум на ефтиниот туризам во Црна Гора?
28 април 2008Туристите во Црна Гора од годинава ќе можат да внесат намирници кои им биле потребни само за текот на патувањето. Дозволено е да се внесува и храна за деца или диететска храна која се користи од медицински потреби, но таа мора да биде и декларирана како таква. Туристите во својот куфер може да имаат и два литра пијалок во оригинална амбалажа и пет литра вода. Во случај на прекршување на новите правила, храната ќе им биде одземана и уништена, вели портпаролката на Министерството за туризам, Јелена Паовиќ. Таа нагласува дека познатите синџири за трговија со храна од Србија веќе отвориле свои продавници низ Црна Гора, па омилените производи ќе им бидат достапни на луѓето по истите цени како во локалните средини.
Еко такса за возила
Второто изненадување кои ги чека туристите на граница е еко такса, која во зависност од типот на возилото ќе биде од 10 до 150 евра и ќе важи една година. Паовиќ смета дека овие мерки нема да влијаат врз приливот на туристи во Црна Гора.
„Очекуваме дека туристите од регионот, кои и изминатите години доаѓаа со сопствени возила, во иднина ќе користат и друг вид превоз:автобуси, возови, или авионски превоз“. Еко таксата е воведена на препорака од Светскиот сојуз за туризам, поради зголемениот сообраќај во текот на туристичката сезона што влијае врз квалитетот на воздухот.
Црна Гора сака елитен туризам
Со години Црна Гора беше мека за туристите со ниски примања од Србија и регионот. Тие најчесто трошеа само за најосновните намирници, а храната и пијалокот си го носеа од дома. Сега црногорската влада сака да развива елитен туризам во кој не се вклопува досегашниот начин на летување. Приходите кои државата ќе ги собере на овој начин, треба да бидат вложени на заштита на животната средина.