Загина мигрант на македонско-грчката граница
3 декември 2015
Еден мигрант загина, а повеќе се повредени во масовна тепачка на македонско-грчката граница.
Загинатиот, најверојатно мигрант од Мароко, го загубил животот откако се качил на покривот на воз и го допрел кабелот со висок напон над него, соопштија од грчката полиција за агенцијата Франс Прес.
Носејќи го неговото тело на раце, група Мароканци потоа се упатија кон граничниот премин извикувајќи „Алах е голем“, пишува АФП. Грчката полиција успеала да ги спречи во намерата со употреба на солзавец.
Друг мигрант беше тешко повреден во сличен инцидент во саботата.
Откако македонските власти почнаа да пропуштаат само бегалци од Сирија, Ирак и Авганистан, останатите мигранти преспиваат во вагоните на граничниот премин. Железничките врски меѓу Македонија и Грција се блокирани со денови, откако група мигранти од Иран започна протест на пругата.
Синоќа и утрово избувнаа судири и меѓу бегалците, оние на кои им е дозволено да ја преминат границата, и блокираните мигранти. Двете групи користеле камења во тепачката. Се проценува дека над 1.500 мигранти на кои не им е дозволен влез во Македонија се наоѓаат на меѓуграничниот простор.
Агенцијата Асосиејтед Прес јавува дека утрово, мигрантите на кои не им е дозволен влез подигнале барикади за да ги спречат бегалците да ја минуваат границата, а Ројтерс дополнува дека притоа извикувале „Ако не можеме ние, нема ни тие“. Барикадата во должина од околу 120 метри се состои од празни буриња, парчиња дрво и метал.
Пакистанецот Ели, кој ја чува барикадата се прашува зошто ним не им е дозволен премин. 30-годишниот Пакистанец живеел во Грција шест години, но сега сакал да замине во Германија. „Зошто постои дискриминација? Границата или мора да биде отворена за сите, или затворена за сите“.