ЕУ 2015: Насекаде кризи
30 декември 2015Времето кога најважното прашање за ЕУ беше дали ќе ја совлада евро-кризата е некое сосема друго време. А, тоа беше пред само неколку месеци. Во јануари во Грција на власт дојде левичарскиот политичар Алексис Ципрас. Тој на доверителите и инвеститорите им влеа страв и предизвика бес. Се спротивставуваше на барањата за реформи и за штедење, онака како што и вети пред изборите. Она што следуваше беше повеќемесечен покер меѓу Атина и кредиторите.
Следуваа една по друга кризни средби. „Грегзит“, излегување на Грција од монетарната унија, се закануваше повеќепати. Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле со реченицата „Тогаш работата е завршена“ се чини како во февруари да постави ултиматум. Тој подоцна во игра го стави и можниот привремен „грегзит“. На двете страни бранувањата беа огромни. Но, на (привремениот) крај, грчката влада летоска ги прифати условите, доби трет пакет за помош и оттогаш прави обиди да биде, барем до некаде, послушен реформатор. Тоа привремено ги смири духовите. Должничката криза во Европа сѐ уште трае, но се чини како од летото наваму да е под контрола.
Во времето на најжестоки судири многумина велеа дека еврото е на коцка, а можеби дури и цела ЕУ. Дел од оние што опоменуваа беше и канцеларката Ангела Меркел. Во однос на Грција таа нагласуваше дека мора да се почитуваат правилата и договорите, инаку Европа е во опасност. Но, подоцна таа беше таа што не ги почитуваше правилата.
Изолираната Меркел
Зашто, кога на крајот на летото бегалскиот бран кој доаѓаше преку Балканската рута почна да ставува сѐ поголем, кога илјадници луѓе беа заглавени во Унгарија, а сакаа да продолжат кон север, пред сѐ кон Германија, Меркел ги пушти во земјата, без да се грижи за правилата од Даблинскиот систем, според кои азил може да се побара онаму каде што се стапнува на територија на ЕУ. Нешто подоцна таа „Даблин“ го прогласи за „надминат“.
Меркел дозволи во голем дел неконтролиран бран бегалци преку Балканската рута, кој траеше со недели, постојано објаснуваше дека по прашањата на азил и на бегалци „нема горна граница“, а оцени и дека „Ќе успееме“. На почетокот многу луѓе во Германија сѐ уште се согласуваа со ваквата политика на отворени врати. Но со сѐ поголемиот број бегалци, расположението почна да се менува. А, повеќето други европски земји политиката на Меркел ја набљудуваа прво зачудено, потоа немаа разбирање, за на крајот да бидат вџашени. За канцеларката стана навистина неудобно кога се обиде да „истурка“ европски систем за распределба на бегалците. Тоа беше категорично отфрлено пред сѐ од страна на источните земји членки на ЕУ, кој ја обвинија Меркел дека ги „поканила“бегалците да дојдат.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан прашањето на бегалците го прогласи за „германски проблем“ и ја огради својата земја - прво границата со Србија, а потоа и со Хрватска. Оттогаш насекаде се градат огради и се воведуваат гранични контроли, а слободниот проток на лица во Шенгенскиот простор е насекаде ограничен. Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, еднаш уморно констатираше: „Нема доволно Европа и нема доволно Унија.“ И Јанис Емануилидис од бриселскиот тинк-тенк Центар за европска политика оцени дека една од најголемите европски придобивки - Шенгенскиот систем - е „под силен притисок“ и е „фундаментално поткопан“.
Свртување в десно во цела Европа
Меркел не наидува на отпор само кај останатите влади. Во рамките на институциите на ЕУ претседателот на Советот, Доналд Туск, стана гласноговрник на оние кои сакаа да ги урнат мостовите. Тој предупреди: „Европа без надворешни граници ќе стане почва на која ќе вирее страв.“ На почетокот на декември, во едно интервју, тој уште еднаш потврди дека бегалскиот бран е „преголем за да не биде запрен“. Никој во Европа не е подготвен „да прими толкав број бегалци, вклучително и Германија“.
Отпорот и несигурноста во Европа се покажува и во резултатите од изборите. Практично насекаде каде што од летоска се одржале избори, десните партии и оние кои се непријатеслки настроени кон странците добиваат полет. Меѓу нив и Полска, чија нова влада отворено полемизира против сириските бегалци. Министерот за надворешни работи Витолд Вашчиковски во ноември рече: „Можете ли да си претставите нашата армија да биде испратена во борби во Сирија, додека 100.000 Сиријци пијат кафе во Берлин и гледаат како ние се бориме за нивната безбедност?“ Јанис Емануилидис зад свртувањето в десно во Европа гледа раширен впечаток на граѓаните дека Унијата е „сѐ помалку во состојба да ги решава проблемите“. Последица од тоа е тенденцијата кон „национализирање“.
Нема алтернатива за ЕУ
Исламистичките напади во Париз на средината од ноември, во кои загинаа 130 лица, доведоа до натамошна радикализација. Уште од почеток, меѓу другото и од страна на германските политичари, се предупредуваше атентатите на Исламска држава да не се мешаат со темата со бегалците, но француската влада тоа самата го стори. Либерална бегалска политика каква што застапува Меркел, на европско ниво денес е спроведлива помалку од кога и да е.
Државите на ЕУ сега, делумно секоја за себе, делумно заеднички, речиси очајно се обидуваат да го намалат бројот на бегалци. ЕУ е дури подготвена и да ѝ даде пари и да направи политички отстапки кон транзитната Турција, земјата која досега жестоко ја критикуваше поради состојбата со човековите права. Сега девизата гласи: изолација, соработка со земјите на потекло на бегалците и транзитните држави, но и елиминација на причините за бегство. И тоа по овој редослед.
Јанис Емануилидис оценува дека Европа на крајот на годината е загрозена од многу кризи: евро-криза, бегалска криза, Украинска криза со тензичен однос со Русија, ситуација по нападите во Париз. Сѐ е собрано заедно. Опасноста лежи во „фрагментација на ЕУ“. А тоа, според Емануилидис, доведе до тоа „да се намалува поддршката за ЕУ и да се засилува поддршката за популистичките сили“. Меѓутоа, сите овие кризи може „да се совладаат само ако постои соработка на европско ниво“. Тој потсетува на минатите критични моменти, кога многумина се прашуваа дали Грција може да остане во еврозоната или треба ли да остане. На крајот секогаш се согледуваше: „Нема вистинска алтернатива за европската соработка“, потенцира Емануилидис.