ЕУ ја советува Црна Гора на разумна разделба со Србија
29 мај 2006Ѓукановиќ се сретна и со високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и за безбедност Хавиер Солана.
Европскиот комесар за проширување Оли Рен смета дека е можно Црна Гора да добие договор за стабилизација и асоцијација уште годинава ако ги продолжи и натаму преговорите професионално и ефикасно како и досега.Притоа тој го пофали успешниот тек на референдумот за независност.Црна Гора како и останатите земји од Западен Балкан има конкретна европска перспектива,а договорот со Брисел би бил првиот чекор кон нејзино реализирање,рече Рен.
Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ пренесе дека е свесен за тоа оти сите натамошни потези на Подгорица будно ќе бидат следени од меѓународната зедница.Референдумот меѓутоа одговараше на највисоките европски стандарди.Со него Црна Гора придонесе кон натамошна европска победа во регионот,а земјата е подготвена да ги исполни очекувањата од неа.
Еврокомесарот Оли Рен потсети дека преговорите со Србија беа прекинати поради недоволната соработка со Хашкиот трибунал,но пред Белград исто така останува европската перспектива. Тој прецизираше дека за Србија ќе биде усвоен нов,дополнителен мандат за преговори,а договорот со Брисел може да биде потпишан ако српските власти докажат полна соработка со Хашкиот трибунал,а тоа значи апсење и израчување на обвинетиот Ратко Младиќ. За тоа Рен попладне ќе разговара со српското раководство во Белград.