ЕУ: четири предлози за спас од кризата
20 јули 2011Финансиските пазари сакаат од зборови да се прејде на дела и затоа од вонредниот самит се очекуваат насоки за излез од кризата. Предлози има се’ повеќе, а се зборува и за нешто што до сега беше табу.
1. Остар рез – банкрот
Грција и други земји да ги откупуваат сопствените државни обврзници по пазарни цени, кои се пониски од цените по кои ги продале. Парите за откуп би ги ставиле на располагање останатите членки на евро зоната, преку воспоставените фондови за спасување - ЕФФС.
Предноста е што државите би ги решиле добиените долгови, но недостатокот е што рејтинг агенциите ќе го оценат овој чекор како платежна неспособност на државата, по што банките и осигурителните компании ќе мора да отпишат милијарди евра. Ваквата метода се оценува како фатална за Грција, бидејќи банките ќе изгубат се што имаат, а берзите ќе бидат во шок, но тоа би значело крај на кризата.
2. Евробондови
Тоа се државни обврзници, кои заеднички ги издаваат земјите од евро – зоната. Недостатокот е што Германија, на пример, одеднаш ќе мора да плати околу пет проценти од каматите, бидејќи ќе се смета просекот за сите земји. Претставникот од Бундесбанката, Јенс Вајдман смета дека со тоа се уништува мотивацијата на погодените земји да ги почитуваат мерките за штедење. Ако политичарите не сакаат да се впуштат во тоа, постои и можност таканаречените „безвредни обврзници“ да ги купи заедничкиот европски фонд – ЕФФС.
3. Банка за „безвредните обврзници“ на членките од евро – зоната
Предноста е што и на овој начин презадолжените земји ќе се спасат од долговите кои стасале за наплата, со тоа што рејтинг агенциите нема да ги стават на црната листа. А, и Европската централна банка ќе се ослободи од овие обврзници, повторно ќе стане независна и ќе може да се концентрира на својата задача-стабилноста на европската економија.
Недостатокот е што тоа чини, и тоа многу! За оваа мерка, во најмала рака, фондот за спас ќе мора да се удвои. Се проценува дека би требало да изнесува дури билион и половина евра или 1.500 милијарди евра! Критичарите сметаат дека на овој начин ќе се уништи мотивацијата за штедење.
4. Европски министер за финансии
На оваа идеја дојде претседателот на Европската централна банка, Жан Клод Трише. Тоа би била некоја контролна инстанца за земјите во криза. Државата која е во ситуација да позајмува пари, би морала да се откаже од дел од својот суверенитет. Меѓутоа, оваа идеја нема така лесно да заживее. Никој не сака некој друг да му ги контролира финансиите, а во моментов никој од шефовите на владите од ЕУ не знае како финансиски ќе стои неговата земја за неколку години.
Автор: Самир Ибрахим/Александар Методијев
Редактор: Александра Трајковска