ЕУ сака да ја прогласи Балканската рута за затворена
7 март 2016Брановите бегалци кои се движат по Балканската рута би требало да запрат. „Оваа рута е затворена“, се вели во предлог документот од денешниот самит на шефовите на држави или влади на ЕУ во Брисел, пренесува германската агенција ДПА.
Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц вчеравечер за германската телевизија АРД уште еднаш повтори дека држави како Автсрија, Германија или Шведска не можат да ги примат сите луѓе кои сакаат да дојдат во Европа. Што се однесува до состојбата на македонско-грчката граница Курц нагласи дека бегалците може да побараат заштита и во ЕУ-држава како што е Грција. Грција има по глава на жител многу помалку бегалци отколку Австрија, а освен тоа набргу може да смета и со голема поддршка од ЕУ, рече Курц.
Германскиот министер за правда Хајко Маас е на мислење дека одделни држави со затворање на границите нема да го решат светскиот проблем со миграцијата и дека тоа само води до „домино ефекти“. Бегалците мора да бидат распределени во Европа, а освен тоа неопходна е и борба против причините за бегство, оцени Маас. Оттука, многу е важен прекин на огнот во Сирија.
Шефовите на ЕУ денеска со Анкара ќе се договараат за враќање на бегалците без право на азил од Европа во Турција. Германската канцеларка Ангела Меркел и турскиот премиер Ахмет Давутоглу вчеравечер во Брисел разговараа неколку часа за последиците од бегалската криза, потврдија рано изутринава извори од германската влада. Детали до разговорите не се соопштени. На разговорите кои се водеа во турската амбасада присуствувал и холандскиот премиер Марк Руте.
Денешниот самит во Брисел е важен за Меркел. Таа во моментов има малку сојузници во Европа по прашањето на бегалците. Германската канцеларка бара спроведување на досегашните заклучоци. „Само заедно можеме да се соочиме со овој предизвик“, рече таа за весникот „Билд ам Зонтаг“. Притоа, станува збор за помошта за Турција од три милијарди евра кои се неопходни за бегалците, заштита на надворешните граници на ЕУ и помош за Грција.
По заострувањето на мерките на границите долж Балканската рута, во моментов на грчко-македонската граница има околу 10.000 бегалци. Портпарол на Високиот комесаријат за б егалци на ОН вчера оцени дека во бегалскиот камп Идомени има „хуманитарна криза“. Тој побара од раководните политичари во ЕУ „да се разбудат“.