170511 Eurogruppe Portugal
17 мај 2011Вчеравечер (16.05.2011) Португалија од ЕУ и ММФ доби пакет помош од 78 милијарди евра. Министрите за финансии на земјите од еврозоната проценија дека финансиската состојба во Грција е многу тешка, но дека рефинансирање на долгот не доаѓа предвид.
„Донесовме заклучок Португалија во наредните три години да биде поддржана со програма од 78 милијарди евра“, изјави во Брисел претседавачот на Еврогрупата, Жан Клод Јункер.
Парите ќе дојдат во еднакви делови од заедничкиот буџет на ЕУ, од чадорот за спас на Еврогрупата и од Меѓуанродниот монетарен фонд. Еврокомесарот за монетарна политика, Оли Рен, изјави дека со стабилизирањето на Португалија ќе се стабилизира и еврото и цела Европа. Претставник на ММФ на средбата во Брисел беше заменичка на уапсениот Доминик Штрос-Кан.
Грција и натаму во многу тешка ситуација
Состојбата во Грција , која веќе една година добива кредити од ЕУ и од ММФ и натаму е многу тешка, изјави Јункер. Грчката влада мора да прави повеќе непори отколку досега, а политичките партии мора да застанат заеднички зад драстичниот пакет мерки за штедење, вели еврокомесарот Рен:
„Има дупки кои мора да се пополнат, особено во делот на солидна буџетска политика и при приватизација на државен имот. Тука Грција мора да ја зголеми брзината и да спроведе фискална консолидација. без одлагање мора да почне програмата за приватизација со волумен од 50 милијарди евра.“
Жан Клод Јункер засега исклучува можност за рефинансирање на долгот на Грција, при што цената за намалување на грчкиот државен долг би требало да ја платат државните и приватни доверители.
„Големо рефинансирање на долгот воопшто не е тема за разговор. Но, тоа не е комплетно исклучено. Прво доаѓа голем врзоп мерки кои грчката влада мора да ги спроведе, а сосема на крајот може да се размислува за промена на профилот на долгови.“
Јункер нагласи и дека не е разговарано за нови пакет за помош на Грција, кој би ги надминувал рамките од досега ветените 110 милијарди евра. Нови милијарди, меѓутоа, не се исклучуваат. Заклучоците за Грција ќе бидат донесени во јуни, кога ќе биде готов новиот извештај на ЕУ и ММФ за состојбата во екстремно задолжената Грција, најави Јункер.
Бернд Ригерт/Елизабета Милошевска Фиданоска
Редактор: Жана Ацеска