Експлозија пред Централната банка во Атина
10 април 2014Експлозијата се случила изутрината, околу 3:55 часот по локално време, во возило паркирано на тротоарот пред седиштето на Централната банка. Инаку, седиштето на банката е веднаш до канцеларијата на меѓународните кредитори на Грција - ЕУ, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд. Портпаролот на грчката влада Симос Кедикоглу изјави: „Нема да им дозволиме на терористите да ги остварат нивните цели“.
Две непознати лица со телефонско јавување во грчкиот весник „Ефимерида дон Синдактон“ и интернет портал предупредиле дека ќе се случи експлозија. Според наводите на полицијата, украденото возило од марката Нисан било наполнето со 75 килограми експлозив.
Грција од денеска повторно издава среднорочни обврзници
Нападот во Атина се случува само еден ден по најавата од страна на Владата дека земјата, првпат по почетокот на финансиската криза пред 5 години, повторно ќе почне со емисија на среднорочни обврзници. Треба да бидат издадени обврзници во вредност од 2,5 милијарди евра и доколку акцијата мине добро, тоа ќе биде важен знак на доверба во мерките што ги презема коалиционата влада на Андонис Самарас.
Во Атина утре во посета доаѓа германската канцеларка Ангела Меркел. Таа со Самарас треба да разговара за борбата против финансиската криза.