ЕКРИ: Позитивен развој во Албанија, но потребен е напредок
3 март 2010Албанија забележала напредок во повеќе области во борбата против расизмот и нетрпеливоста, но е констатирана и загрижувачка ситуација. Тука Европската комисија за борба против расизмот и нетрпеливоста (ЕКРИ), ја наведува недоволната сензибилизација за проблемите поврзани со дискриминацијата, потоа економските проблеми со кои се соочува ромската и египетската заедница во земјата, непризнавањето на бошњачката заедница, како и отсуството на механизми за водење на истрага кога постојат сомневања за недозволеното однесување на полицијата.
Што се однесува до правата на малцинствата, во четвриот извештај на ЕКРИ им се препорачува на албанските власти да воспостават вистинскa институционалнa структура во Државниот комитет за малцинствата. Тоа би требало да дозволи ефективно учество на претставници на националните и другите малцинства во процесот на одлучување, исто како и за начинот на кој членовите на оваа институција ќе бидат именувани.
Различни права и статус
Во Албанија официјално статус на национално малцинство имаат грчкото, македонското и српско-црногорското малцинство, додека влашкото и ромското се сметаат за етнојазични малцинства.
Македонското и грчкото малцинство имаат пристап до пишуваните и електронските медиуми на нивниот мајчин јазик, кој можат да го изучуваат и во училиште. Од властите во Тирана се бара да ги информираат медиумите за потребата од подобро информирање за начинот на кој живеат и проблемите со кои се соочуваат малцинствата.
Во пописот во Албанија да се гарантира правото на самоизјаснување на етничката припадност
ЕКРИ ги зеде во предвид забелешките на преставниците на националните малцинства во Албанија, меѓу кои и на македонското, за нивната реална застапеност.
На последниот попис одржан во 2001 немаше ниту едно прашање кое се однесуваше на етничката припадност на населението, и сите бројки се од пописот во 1989 година. ЕКРИ е свесен за чувствителноста на прашањата поврзани со собирање на податоци со етнички карактер, но подвлекува дека етничките статистики се прават со цел подобро да се согледаат проблемите со директната или индиректната дискриминација, како и за изнаоѓање на решенија за утврдените проблеми.
За идниот попис во Албанија, ЕКРИ советува да се воведе графа за етничкиот идентитет и да се почитува тајноста и доверливоста на собирањето на податоците врз основа на доброволно самоизјаснување на анкетираните припадници на малцинствата. Од албанските власти се бара и активно вклучување на малцинствата во сите етапи на пописот, како и поголема застапеност во политичкиот живот на земјата.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Александра Трајковска