Економски бум со несакани дејства
13 ноември 2014Црна Гора не е Ница, ниту Монако. Но сличноста со местата што им се омилени на убавите и богатите од Европа е намерна. „Порто Монтенегро“ е најпрестижниот градежен објект на морскиот брег откако државата е самостојна - тука треба да настане некое ново Монако на Балканот, со туристи од цела Европа. Затоа се претставуваат нагласено европски.
На други места на брегот - помалку луксуз, но хотел до хотел. Најголемиот дел се настанати во последните 8 години, по осамостојувањето. Оттогаш туризмот е клучниот економски фактор.
Од пред две години ЕУ води пристапни преговори со Црна Гора. И туристите се убедени: местото на Црна Гора и’ е во Европа, најдобро уште веднаш. Дел од нив велат:
„Црна Гора треба да пристапи. Тогаш би биле големо семејство.“
„За нас гостите би било поедноставно. Веќе не би морало да се минува границата.“
„Можеби државата би морала некои работи да ги подобри“.
„Ова е убава земја. Тогаш, зошто да не?“
Навистина, зошто не? Можеби затоа што и ова е реалност во Црна Гора: пред една година бомба експлодира пред редакцијата на весникот „Вијести“. Никој не настрада. Експлозијата беше обид за застрашување.
И, не беше единствен. „Вијести“ е еден од малкуте независни весници во Црна Гора, а она за што известува не им е на сите по волја: јавна критика на владата, која е на власт речиси 25 години, злоупотреба на власта, корупциски скандали во кои е вплеткан политичкиот врв. Михајло Јововиќ, главен уредник на весникот „Вијести“, нагласува:
„Кога владата јавно вели дека ’Вијести‘ е монструм, државен непријател, медиумска мафија, стаорец, кој мора да биде уништен, тогаш тоа создава ваква атмосфера во која се чини дека е сосем легитимно да се напаѓаат новинари. посебно кога такви изјави доаѓаат од највисоки места во владата, вклучително премиерот“.
Тоа мораше да го искуси и Туфик Софтиќ. Летоска под неговиот автомобил експлодира бомба. Втор напад, оти уште во 2007 година двајца мажи го претепаа и заврши в болница. Туфик во „Вијести“ пишува за организираниот криминал, злосторствата и трговијата со дрога. Сега тој и неговото семејство живеат во страв. И тоа не е единствен пример во Црна Гора.
„Имам впечаток дека некој ја попречи истрагата од 2007 година, оти таа дојде до некој степен кога можеше да загрози некои значајни луѓе во хиерархијата на власта“, убеден е Софтиќ.
Но, како се вклопува оваа „хајка на новинари“ кај кандидатот за членство во ЕУ во демократските вредности и човековите права во Унијата? Алберто Камарата од делегацијата на ЕУ во Црна Гора, оценува:
„Слободата на печатот е една од најважните точки во преговорите. Црна Гора ќе напредува во евроинтеграцијата само ако гарантира сигурно опкружување за новинарите.“
Туфик Софтиќ верува дека тоа ќе трае уште долго. Откако експлодира бомбата под неговиот автомобил, нон-стоп го чуваат двајца полицајци. Европските стандарди, вели тој, во самостојна Црна Гора се чини дека уште се далечна иднина.