Десно-екстремни атаци во Берлин
14 септември 2006Пред еден супермаркет во берлинската општина Тептов-Кепеник, Елен Хаусдефер води кампања за социјалдемократите, дели летоци и пенкала. Меѓутоа, не е сама под црвениот чадор на СПД: таа покрај себе има и четворица помошници. Мерка на претпазливост, зашто во изминатите недели штандовите на СПД, ЦДУ и на партијата на левицата постојано беа напаѓани од десни екстремисти:
„Она што го правиме веќе го правевме, на пример, да лепиме плакати во групи, зашто кога ќе се приближи орда намуртени, тоа секако претствува закана пред која не е добро да се биде сам„.
Елен Хаусдерфер лично не била никогаш нападната. Меѓутоа, други
учесници во изборите јавуваат за десни радикали кои облечени во паравоени униформи, ги опколуваат изборните штандови, ги снимаат минувачите и се закануваат. Како што открива берлинскиот сенатор за внатрешни работи Ерхарт Кертинг, тоа претставува дилема за полицијата:
„Имаме десно-радикални групи, посебно околу Народната демократска партија на Германија, но НПД се поврзува со нео-наци групи кои намерно се појавуваат на изборните манифестации. Тоа е нова тактика на десните радикали во Берлин. Полицијата е тука, но тоа не значи задолжително и да реагира, зашто кога станува збор за јавна манифестација, не можам да запрам да се појават и политичките противници„.
И покрај тоа, сметаат критичарите, полицијата мора да настапи порешително против десните ексремисти. Во еден случај таа најнапред дозволи двајца агресивни напаѓачи да избегаат. Тоа е вознемирувачка постапка, вели потпретседателот на сојузниот парламент Волфганг Тирзе:
„Констатиравме дека во последните недели и месеци десно-екстремните станаа поагресивни и понасилни. Секако дека е должност на полицијата да ги брани граѓаните што се ангажираат демократски. И тоа мора да го прави со сета енергија и решителност, за да нема никакво сомневање дека десно-екстремните во нешто успеале„.
Елен Хаусдерфер се чувствува добро заштитена од месната полиција. Таа дури ги информира службите пред да почне да лепи плакати. Нејзината општина Трептов-Кепеник е една од тврдините на десно-екстремната НПД. Демократските партии сега во никој случај не смеат да ги ублажат законите, вели младата социјалдемократка:
„Тоа значи дека на самото место мора да се покаже образ и кога стоиме овде и добиваме една или друга навреда, да се види дека сме тука„!
Нејзината порака пред се гласи: Излезете на избори. Зашто колку што е помало учеството, толку поголеми се шансите за десните да влезат во покраинските парламенти. Приврзениците на НПД во секој случај ќе излезат на изборите.