Двојни аршини
27 февруари 2015Во Европа има различни видови правила: некои, кои мора, и некои, кои не мора да се почитуваат. Или, можеби реченицата треба да се изврти: во ЕУ има два вида држави - мали и големи, и за нив правилата важат на различен начин. И, бидејќи е така, Франција сега повторно доби две години повеќе време за да го стави под контрола својот константен дефицит. Париз само во 2006 и 2007 година привремено се придржуваше кон границата од три проценти за ново задолжување на државата, утврдена со Пактот за стабилност. Оттогаш повторно постојано го прекршува тоа правило. Сега владата треба до април треба да поднесе амбициозна програма за реформи, инаку сепак би и’ се заканувала казна изразена во милијарди - така сега реши Европската комисија. Но, по петтото повторување, веќе ионака никој не верува дека таа закана би можела да биде сериозна.
Трпението со Франција има и придружен ефект
Овде веднаш негативно паѓаат в очи повеќе аспекти: Прво, временскиот момент е едноставно мизерен: токму сега банкротираната Грција со сите средства е ставена под притисок да се придржува кон реформските планови, оти инаку ќе и’ биде затворена славината за пари. Од Еврогрупата ечеше: правилата мора да се почитуваат! Се разбира, презадолжената, финансиски постојано зависната Грција, со нејзината нефункционална управа и многукратно неодговорната политика, не може да се споредува со Франција.
Париз од пред многу години се прават премногу нови долгови, што самопосебе уште не е катастрофа. Но, тоа е кршење на европските правила, што премолчно се толерира од Комисијата на ЕУ и тоа остава сомнителен впечаток. Работата е уште поодбивна и поради фактот дека сегашниот еврокомесар за стопански имонетрани прашања е Французин. Пјер Московиси од самиот почеток се декларира за политика посилно ориентирана на стопански пораст во Европа, според девизата „повеќе инвестирање, помалку штедење“ и сега зборовите ги претвора во дела.
Јункер сака поинаква политика
Московиси има заштита од својот шеф. Претседателот на Комисијата на ЕУ Жан-Клод Јункер од една страна смета дека големите земји нерадо примаат совети од Брисел. Тоа е навистина точно, но премногу реалнополитички гледано. Европа се базира врз тоа, дека големите и малите имаат исти права и обврски - и околу тоа не може да се преговара. Јункер би морал еднаш „да се покаже маж“ и на Париз да му упати сериозни зборови. Но, тоа не му паѓа на ум оти тој ја смета за погрешна актуелната економско- и монетарнополитичка насока на ЕУ.
Политичарот од Луксембург сака да потроши повеќе пари, за со инвестиции да се надмине слабоста на европската конјунктура, со што е на спротивна поизиција од Ангела Меркел. Јункер и со неуспешниот обид за посредување во спорот со Грција покажа дека политички тој јава на друг коњ. Неговата одлука во случајот со Франција е и отворање фронт кон германската сојузна влада.
Економските експерти во ЕУ се поделени во два табора: едни го сметаат досегашниот курсза штедење и реформи за правилен, за да можат да се стават под контрола националните буџети и да се зачува стабилноста на еврото, а други бараат повеќе јавни инвестиции, за земјите да можат од долговите да тргнат кон пораст. Независно од тоа кое учење е правилно, во ЕУ се’ уште важат рестриктивните правила на Пактот за стабилност. Тие би можеле и да бидат променети, кога би имало политичка волја за тоа во Еврогрупата. Но, тие парцијално да се поткопуваат и игнорираат само затоа што грешник е една голема земја-членка, е грешка и мириса на неправедност.
Последна шанса за Франција
Соседот Франција се чини дека е на шокантен начин резистентен на реформи - и тоа се однесува на сите политички табори. Текстот на објаснувањата и извинувањата од Саркози до Оланд е ист: „Порастот е слаб, не смееме да го придушиме, ни треба повеќе време за реформи...“. И потоа ништо не се случува. Конзервативците во Елисејската палата капитулираа пред лутината на народот, кога се обидоа малку да ја поткастрат прешироката социјална држава и да го направат пазарот на работна сила малку пофлексибилен. А Франсоа Оланд сега речиси ќе беше соборен од левото крило во неговата партија, кога поднесе закон за први чекори кон мали реформи. То закон наречен „луа Макрон“ сепак е почеток за разбивање на закоравената регулатива и моќта на групите со одредени интереси.
Франција се дави самата себе си во честарот од хиперрегулирање и во идеолошките рововски битки, кои ги прават невозможни натпартиските компромиси. Притоа големо мнозинство од Французите е за реформи, а фрустрацијата на избирачите тера многумина од нив во рацете на десничарските популисти на Мари Ле Пен. Франсоа Оланд има само уште една шанса: навистина да го поднесе планот за реформи што го бара ЕУ и со сите трикови да го протурка во парламентот. Тоа ќе биде решавачки тест за неговото претседателствување и за курсот на Европа.