Griechenland Übergangsregierung
7 ноември 2011На грчката закоравена политичка сцена сепак нешто се движи. На крајот на драматичниот викенд, кој во очите на јавноста наликуваше на крими-роман, се случи невозможното: социјалистот, премиерот Јоргос Папандреу се откажа од функцијата, а Антонис Самарас, водачот на конзервативната опозициска Нова демократија ја прекина тоталната војна против мерките за штедење и структурните реформи. Двајцата за време на средбите со грчкиот претседател Каролос Папуљас синоќа дадоа зелено светло за коалициона влада, која ќе ги спроведе заклучоците на ЕУ-самитот од 26-ти октомври и ќе ја води земјата до нови избори на 19 феврауари 2012 година. Најверојатно Лукас Пападемос, поранешниот заменик-претседател на Европската централна банка, ќе биде премиер.
Може да се зборува за историски момент за Грција и за Европа. Политичката култура на земјата всушност нема никакво искуство со големи коалиции и со заедничка одговорност заради постигнување голема цел. Овој пат целта е спас на Грција од банкрот и спас на целата еврозона и таа е преголема за да може да ја постигне една политичка партија.
Па сепак, без огромниот внатрешен и надворешен притисок, двајцата протагонисти, Самарас и Папандреу, немаше да се договорат. Делови од владејачката партија Пасок и проевропското јадро на Нова демократија се заканија со јавен бунт против двајцата лидери, доколку не дојде до „влада на национален спас“. Папандреу во Кан јасно ја почувствува неподготвеноста на ЕУ-партнерите за натамошно учество во надреалистичкиот грчки политички трилер. Но, и Европската народна партија, чиј член е Нова демократија, се активира на викендот: нејзиниот надворешнополитички координатор Елмар Брок го повика Самарас и неговата партија да поддржат преодна влада во Грција.
Дали сега се‘ е решено, дали е на повидок спас на Грција и на еврозоната? Никако! Двете големи партии мораат на коалицијата да и‘ влеат живот. Можна е и катастрофа - ако преодната влада проформа преку парламентот ги поддржи заклучоците на евро-самитот од Брисел, односно пакетот помош за Грција, а Папандреу и Самарас продолжат да ја водат меѓусебната војна до новите избори. Спроведувањето на ригидните структурни реформи претпоставува вистинска соработка на двете големи партии. Задачите се преголеми за да бидат совладани само со потпис на Пасок или на Нова демократија. Јавниот сектор мора да биде намален, мерките за штедење треба да станат посоцијални, стопанството да биде поттикнато. Изминатиот викенд уште еднаш покажа - без конструктивен, но и зголемен притисок од ЕУ-партнерите, грчкиот експеримент нема да биде успешен. Времето на неизвесност не е завршено.
Автор на коментарот: Спирос Москову
Превод: Ж. Ацеска
Редактор: Горан Чутаноски