Грчката криза ги расцепи срцето и мозокот на ЕУ
12 јули 2015Не престануваме да се надеваме, изјави еврокомесарот Пјер Московиси ноќеска во Брисел. Зад него беа девет мачни часа, во кои министрите за финансии од еврозоната бараа компромисна линија, која во секоја од нивните земји ќе има некаква шанса за реализација.
На крајот не можеа да се усогласат ниту за заедничко соопштение. Зашто, разликите во политичките содржини се огромни. Еден пример: Сириза, грчкото собиралиште за екстремно-леви струења на една и „Вистинските Финци“ на другата страна. Дел од владината коалција во Финска се десни популисти. Наспроти нив германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле делува како умерен човек. Едните сакаат по секоја цел нов пакет финансиска помош за Грција, другите сакаат тоа да го спречат со сите средства.
Уништена е основната европска доверба
Ни во политичката култура веќе го нема нужното преклопување и согласност. Германците, Словаците, Холанѓаните и другите едноставно не веруваат веќе дека договорените компромиси ќе бидат и реализирани во пракса во Грција. Се чини како трајно да е уништен еден вид на основна европска доверба. Алтернативата-секој чекор во Грција да се посматра со недоверба, само уште повеќе би ја подгреал тамошната антипатија кон Германија како строг учител.
Уште повеќе, се чини дека грчката криза им зададе длабок удар и на најважните политички сојузи во ЕУ. Германија и Франција, барем во Еврогрупата, седат една наспроти друга како противници. Француската влада сака прифаќање на пакетот за финансиска помош, според мотото: „Некако ќе успее“, додека Германците инсистираат на договорите и правилата. Изгледа како кризата да ги расцепи срцето и мозокот на ЕУ.
До последна секунда
Ако Еврогрупата и денеска не успее да се усогласи, повторно на потег остануваат шефовите на држави или на влади од ЕУ. Тие треба да ги тргнат настрана спорењата на министрите за финансии и конечно да испорачаат одлучувачки концепт за спас на Грција. Но, тоа е можно само ако во матрицата на безбројни паради на Еврогрупата и самити најдат линија на можен компромис. Потрагата по него ќе трае до последната секунда. Но, блиску е и сомнението: првпат во историјата на еврото, можеби не постои воопшто компромисна линија.