Грција ќе се опари
22 јули 2011Грција ќе добие најмалку 109 милијарди евра за да може полека да го понесе огромниот товар од 340 милијарди евра долгови. Европскиот фонд за спас, ЕФСФ и ММФ треба на Грција да и` стават на располагање кредити, но со пониски каматни стапки отколку досега - 3,5 наместо 4,5 проценти, а рокот за отплата ќе биде до 30 години. Грчкиот премиер Јоргос Папандреу ја потенцира европската димензија на програмата за спас, но и нејзиното значење за Грција:
„Ние сме горд, креативен и трудољубив народ. Она што бараме е правото да спроведеме големи трајни промени во нашата земја. Ние ќе ги спроведеме реформите за нашата држава да ја направиме способна за функционирање, да овозможиме развој и работни места.“
Од новите поволни кредити ќе профитираат и другите земји, како Португалија и Ирска. Претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо укажа на проширувањето на компетенциите на Фондот за спас:
„Се договоривме за многу амбициозна реформа на Фондот, која треба да го направи пофлекисибилен и поефикасен.“
Европскиот Фонд за спас сега може да купува грчки државни обврзници на секундарниот пазар, значи од банките и другите евро-земји, заради стабилизирање на Грција. Освен тоа, ќе може да им помага и на земјите за да не западнат во должничка криза.
Саркози: Тоа што го правиме за Грција е исклучок
Приватниот финансиски сектор, пак, објави подготвеност да ја поддржува Грција на доброволна база со редица мерки. Меѓу нив спаѓаат замената на грчките обврзници со нови хартии со подолг рок, што финансиските институти ќе ги чини околу 20 проценти загуба. Францускиот претседател Никола Саркози меѓутоа појасни дека учеството на банките нема да биде правило:
„Она што го преземаме за Грција за да ја оспособиме да се носи со длговите, нема да го направиме за ниедна друга земја од еврозоната, Грција е специјален случај“.
Додека да се реализираат новите мерки, што е предвидено за наесен, Грција може делумно да важи за платежно неспособна. За да се надмине таа фаза, која во најдобар случај ќе трае неколку дена, а во која рејтинг-агенциите ќе ја оценат со најслаба оценка на платежноста, евро-земјите мора да положат гаранции кај Европската централна банка, за да се избегне банкрот на грчките, но и другите банки.
На грчкото стопанство ќе му биде помогнато и со еден вид Маршалов план, со кој ќе бидат поддржани структурно слабите региони. Германската канцеларка Ангела Меркел особено инсистира на тоа:
„Секогаш истакнував дека не се работи за спектакуларно ослободување од долговите, туку грчкиот пат кон повторна стабилност и конкурентност мора да биде контролиран процес и уверена сум дека ќе успееме во тоа.“
Автор: Дафне Гратвол/Жана Ацеска
Редактор: Трајче Тосев