Грција ја одложи ратата од долгот кон ММФ
5 јуни 2015Денеска беше последниот рок кога Грција требаше да му исплати рата од 300 милиони евра на ММФ. Но, Атина очигледно не може да плати и побара одложување до крајот на месецов. Грција се надева дека дотогаш ќе добие финансиска помош од Европа
Атина повторно игра на време. Уште во четвртокот утрото премиерот Алексис Ципрас најави дека на ММФ ќе му бидат исплатени договорените 300 милиони евра. Но вечерта се предомисли. Сега долгот ќе се плати на крајот на јуни, но далеку повисока сума. Окрупнувањето на ратите, според статутот на ММФ, е можно.
Сега Грција ќе мора да му плати повеќе од 1,5 милијарди евра на ММФ на крајот на месецот, и тоа одеднаш. И во следните месеци треба да се плаќаат долговите. Во септември уште една голема сметка од 1,5 милијарди евра.
За шефицата на ММФ, Кристин Лагард, одложувањето од Атина беше изненадување. Таа цврсто сметала на парите од Грција.
„Можам само да го пренесам она што членките ни го кажуваат. Грција е членка на институцијата, а јас добив уверенија, вклучително и од премиерот дека исплатата ќе биде извршена“, вели Лагард.
Со изненадувачкото повлекување од исплатата Атина си отвори малку простор за преговори со кредиторите околу натамошните реформи. Доколку не се изнајде заедничко решение, земјата нема да ги добие ниту планираните 7,2 милијарди евра од фондот за спас. Во таков случај, во крајот на јуни Грција ќе банкротира.