Грција ја „исчисти“ границата од бегалци
10 декември 2015
По речиси тринеделни протести и чести судири, околу две илјади бегалци беа отстранети од кампот на грчко-македонската граница и вратени назад во Атина. Грчките специјални полициски единици го опколија кампот во Идомени околу 3 часот во средата наутро, притоа апсејќи и четворица новинари на лице место, а потоа ги сместија сите бегалци во автобуси и ги испратија кон Атина.
Кампот беше празен веќе во 4 часот утрото, според лекари на Црвениот крст, но на медиумите и на останатите заинтересирани не им беше дозволен влез до средата попладне. Само неколку сведоци беа присутни за време на отстранувањето, но велат дека немало повредени.
„Лично не видов што се случуваше, но отстранувањето мина без насилство“, вели лице кое се наоѓало во кампот. „Веројатно единствената сила која ја употребија беше нивната бројност. Имаше толку многу полицајци што никој не пружаше отпор. Нивното присуство беше доволно“.
Мигрантите останаа заглавени во Идомени откако неколку балкански држави започнаа со имплементација на поригорозна гранична контрола со која им беше овозможено само на бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан да го продолжат патувањето кон северна Европа. Поради тоа, многу Иранци, Пакистанци и Африканци останаа во меѓуграничниот појас на студени температури.
Колони автобуси го напуштаа Идомени во текот на целиот ден префрлајќи ги бегалците кон Олимпискиот стадион во Атина кој во меѓувреме е претворен во бегалски камп. За некои волонтери во организациите кои беа задолжени за помош на бегалците, сликата на празниот камп буди чудни чувства.
„Многу е чудно да влезете во шаторот и да не најдете никого внатре“, вели Кристијан Вилберс од организацијата „Сејв д чилдрен“. „И натаму очекувам да биде полно со луѓе, како што беше со недели, но не е“.
На многу бегалци исто така не им беше јасно што се случува. Околу 300-400 останаа да чекаат речиси во текот на целиот ден во десетина автобуси на една бензиска станица на 20 километри од границата, иако тукушто пристигнаа од Атина.
„Зошто ги пуштија луѓето да заминат од Атина доколку не можат да ја минат границата“, се прашува Мохамад Башир, студент од Сомалија. „Знам дека одговорот е политика, но исто така треба да мислиме и на човечноста во вакви ситуации. Ќе мора да направат дистинкција меѓу тие две работи, затоа што ги оставаат луѓето надвор на студеното време и луѓе умираат, а никој не презема одговорност“.
Автобусите на крајот сепак продолжија кон границата, но дури откако кампот беше целосно исчистен од неговите жители. Според НВО работниците во Идомени, мигрантите повеќе нема да престојуваат во кампот. Наместо тоа, кампот во иднина ќе служи само како транзитна точка за бегалци кои потоа ќе продолжуваат кон воена касарна на македонската страна од границата.