Griechenlands Kampf gegen Migranten
21 август 2011Под превезот на најголема тајност стотици грчки војници копаат триесет метри широк и седум метри длабок ров на грчко-турската граница, пишува атинскиот весник „То Вима“. Според информациите кои не се демантирани, грчката војска веќе има инвестирано 150 илјади работни часови во проектот и завршила делница од речиси петнаесет километри кај градот Орестиада. Сега ќе се продолжи во правец на граничното место Арданион.
Познатиот новинар и публицист Јоргос Малухос, кој прв ја објави приказната, смета дека се работи за оправдан чекор, во корист не само на Грција, туку и на ЕУ. Растечкиот број илегални мигранти е општоевропски проблем, а рововите ќе ги држат понастрана шверцерите на луѓе, аргументира новинарот. Освен тоа, смета дека со тоа се подобрува одбраната на североисточниот дел на Грција, зашто на другата страна Турција последниве години стационирала тенковски дивизии специјализирани за преминување реки.
Носталгични сеќавања
Кај Грците овој проект буди сеќавања на легендарното поствоено време, кога специјални армиски единици, раководени од армиски инженери, добиле налог да градат патишта и аеродроми. Задачата била извршена со голем квалитет, а релативно евтино, навреме и без корупција, што денеска звучи речиси носталгично.
Ова не е единствената причина за одушевувањето на многу Грци од градењето ровови, во кризно време се‘ посилни се гласовите за заштита. Рововите нема да бидат доволни, покрај реката Марица ќе се поставува и ограда од бодликава жица во должина од 10,5 километри, до 20 август се вршеа „консултации“ со организациите за заштита на човековите права, потоа ќе започне оградувањето.
Критики од организациите за човекови права
Адвокатката и активист за човекови права Електра Коутра пак ги критикува потезите како нечовечка политика на изолирање без секаков смисол. Мигрантите во иднина ќе одат преку море, а шверцерите на луѓе само ќе ги покачат цените. Освен тоа, поставувањето бодликава ограда или рововите се косат со меѓународното право, чиј составен дел е правото на азил и заштита на мигрантите. Трошоците за подигање на оградата од бодликава жица се ценат на околу пет милиони евра, во нив ќе учествува и ЕУ. За Електра Коутра, моралот на Брисел е двоен-од еднастрана има задршки за поставување ограда, од друга страна ја финансира.
Во меѓувреме, повеќе од 90 проценти од илегалните доселеници во ЕУ доаѓаат преку Грција, земјата не може да се носи со проблемот и е оставена речиси сама на себе. Наместо да помогнат, многу Европејци порадо критикуваат, се жали адвокатот Електра Коутра.
Можеби ЕУ не мора воопшто да плаќа, смета Јоргос Малухос, според кого 120-те километри одбранбени ровови нудат доволна заштита од илегалните мигранти. Дополнителното оградување со бодликава жица за него е „сосем нормално грчко лудило“.
Автор: Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска