Атина побара продолжување на кредитирањето
19 февруари 2015Во писмото што од Атина му е упатено на шефот на Еврогрупата Јерун Дајселблум се вели дека продолжувањето на програмата за помош за наредни шест месеци треба да биде со придржување кон рамковниот договор со ЕУ, Европската централна банка (ЕЦБ) и со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Досега левоориентираната грчка влада одбиваше соработка со институциите кои ја сочинуваат контролната Тројка.
Грчката влада ги признава како обврзувачки финансиските и порцедурални содржини од постоечката програма за спас, се вели во писмото. Владата ги прифаќа и финансиските обврски спрема сите доверители. Новите мерки на владата би морале да бидат во целост финансирани. Грција се обврзува на блиска соработка со партнерите во текот на шесте месеци, за да не бидат псроведувани еднострани реформи кои би ги загрозиле буџетските цели, економското опоравување или финансиската стабилност на земјата.
Но, во писмото се наведени и редица точки кои на Грција би требало да и’ овозможат поголем маневарски простор. Владата бара и продолжување на позајмиците од фондот ЕФСФ, кои се предвидени за стабилизација на грчките банки. Земјата сака и да преговара за олеснување на товарот од долговите, како што и’ било навестено од Еврогрупата во ноември 2012 година.
Германија веќе ги отфрли грчките барања
Министрите за финансии на земјите од Еврогрупата утре ќе го разгледуваат писмото со барања од Грција. Германскиот министер Волфганг Шојбле веќе се огласи преку својот портпарол: писмото на грчкиот министер Варуфакис „не содржи никако супстанцијален предлог“. Ветувањата, во формата во која се дадени во писмото, не се доволни. Германската влада оценува дека цел на предлогот од Атина е само да се премости финансиската потреба, без да се исполнат барањата од порано договорената програма за помош: „Писмото не е соодветно на критериумите кои беа договорени во понеделникот на средбата на Еврогрупата“, се вели во реакцијата на Шојбле. Тука спаѓа првенствено да се провери и заврши во Атина толку омразената европската програма за помош.
Финансиските пазари веднаш реагираа со пад на вредностите на берзите, а и курсот на еврото се најде под притисок. Во светот на финансиите владаа загриженост дека должничката криза можеби сега дефинитивно ќе ескалира. Во изминатите денови инвеститорите се’ повеќе се подготвуваа за можен „Грексит“, односно излегување на Грција од еврозоната. Се’ уште не е сигурно дека германската влада ќе дозволи работата да дојде до таму. Досега другите 18 партнери од Еврогрупата се сплотени. Помалите земји од Источна Европа веројатно не се подготвени да се откажат од побараните ветувања, за да ги финансираат изборните подароци на грчката влада. Ни Шпанија, Португалија или Ирска, кои исто така мора да спороведат ригорозни реформи во замена за помош од милијарди евра, веројатно нема да бидат многу широкогради спрема Грција. Прашање е само дали Италија и Франција до крај ќе останат на страната на сотрите критичари на Атина. Утрешната може да биде долга ноќ во Брисел.
ЕЦБ наводно препорачува контрола на протокот на капитал
Поради големата несигурност околу натамошното останување на преадолжената Грција во еврозоната, Грците во голем обем ги повлекуваат своите штедни влогови од банките. Според весникот „Ханделсблат“, од лани во ноември наваму биле повлечени 21 милијарда евра. ЕЦБ се’ уште ги одржува во живот грчките банки - вчера (18.02.2015) уште еднаш ги прошири рамките за итни кредити за натамошни 3,3 милијарди и достигна вкупно 68,3 милијарди. Според банкарски кругови во Атина очекувбале уште повеќе.
Весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ пишува дека ЕЦБ оценува дека би било разумно да се воведе контрола на протокот на капитал во Грција „за да се спречи банките да искрварат“.