Грција против испраќање на Фронтекс во Македонија
26 јануари 2016Земјите-членки на ЕУ презедоа уште еден чекор во насока на изолација на Грција по кавгата околу неуспехот на Атина да го запре бранот мигранти во Медитеранот, јавува Асосиејтед Прес.
И покрај лошите временски услови, повеќе од 2 илјади луѓе пристигнуваат во Грција секојдневно, велат бројките на ЕУ. Атина е под голем притисок да ги регистрира и задржи оние кои доаѓаат. Неколку членки на ЕУ се закануваат со изолација на Грција преку затворање на своите граници по што новодојдените бегалци ќе мораат да останат таму.
Земјите-членки испратија јасен сигнал дека, доколку не можат да ги сопрат мигрантите да доаѓаат во Грција, ќе размислат да и помогнат на соседната Македонија подобро да ја обезбеди својата граница и да го забави движењето на мигрантите кон европските држави, рече холандскиот државен секретар Клас Дијкоф.
Грчкиот министер за имиграција Јоанис Музалас призна дека неговата земја не може да се справи со бранот, но ги обвини ЕУ-членките за недоволна помош во човечки ресурси и бродови за патролирање на островите во Егејското Море кои се наоѓаат на само неколку километри од турскиот брег, како и за непочитување на ветувањата за релокација на мигрантите.
Музалас изјави дека Атина барала 1.800 офицери од ЕУ- агенцијата Фронтекс, но добила само 800. Од 28 побарани бродови за крајбрежната стража, Грција добила само шест, рече тој.
Кавги меѓу министрите
Музалас остро се спротивстави на идејата за испраќање офицери на Фронтекс на грчко-македонската граница оценувајќи ја истата како „илегална“ и инсистираше дека повеќе офицери на Фронтекс се потребни во неговата земја.
И Франс Прес во извештајот за состанокот на ЕУ министрите во Амстердам јавува за кавги меѓу неколку европски држави од една и Грција од друга страна.
На тензичната средба на ЕУ министрите за внатрешни работи, Австрија и Германија побараа од Грција да направи повеќе за запирање на најголемата миграциска криза во Европа од крајот на Втората светска војна.
Но грчкиот министер Музалас инсистираше дека неговата земја презема сѐ во тешки околности.
„Уморени сме од слушање дека не можеме да ги обезбедиме нашите граници. Велат дека не сме сакале повеќе крајбрежни сили, тоа е лага- сакаме повеќе“, рече Музалас. Најголемиот дел од околу еден милион бегалци и мигранти кои пристигнаа во Европа минатата година, преминаа преку кусиот поморски премин меѓу Турција и Грција, но Музалас вели дека меѓународното право не дозволува тие да бидат спречени.
Ева Монкур, портпарол на Фронтекс, исто така потврдуи дека е нелегално да се одвраќаат барателите на азил од грчките води.
„Согласно меѓународното право, секој поединец кој ќе ја мине европската граница има право да бара азил“, изјави таа за АФП.
Грција останува во Шенген
По минатонеделните барања на австриската министерка Јохана Микл-Лајтнер за „времено исфрлање“ на Грција од Шенген-зоната, Европската комисија експресно ги отфрли таквите планови.
„Никогаш не сме дискутирале за суспензија или исклучување. Таква можност не постои“, изјави портпаролката на ЕК, Наташа Берто.
Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер ја повика Грција да си ги исполни обврските.
„Сакаме да го спасиме Шенген, сакаме заедничко европско решение, но часовникот отчукува“, рече де Мезиер, додавајќи дека договорот со Турција е клучен за запирање на бегалскиот бран.
Потпишан минатата година, договорот го обврзува Брисел да и исплати на Анкара три милијарди евра помош за сириските бегалци и да ги забрза преговорите за членство, а во замена Турција треба да ги запре трговците со луѓе и да ги подобри условите за бегалците.
Но исплатата на суматата се уште не е почната поради загриженоста дека Турција не се држи до своите обврски, иако шефицата за надворешна политика на ЕУ Федерика Могерини во понеделникот од Анкара изјави дека се надева оти Турција ќе ги добие средствата „во догледно време“.
Брисел во истовреме разгледува и други начини за запирање на бегалците, особено преку Западниот Балкан. Европската комисија вчера потврди дека испратила мисија во Македонија која треба да разговара за изнаоѓање начини за запирање на големиот број бегалци кои влегуваат од Грција.