Прво банкрот, па потоа хуманитарна помош?
11 јули 2015Ервин Шримпф и неговите помошници во четири минибуси со траект пристигнаа на пристаништето Патра. Тие донесоа шест тони помош, меѓу другото и лекови и медицински апарати. Хуманитарците од Салцбург помошта ја поделиле во 18 клиники, сиропиталишта, социјални домови и домови за лица со посебни потреби. „По патот во еден центар за социјална работа во Атина оставивме пелени, масло за бебиња и други материјали потребни за децата“, вели Шримпф во разговор за Дојче Веле.
Извештајот на првата германска телевизија АРД за тешката ситуација во грчките болници од 2012. бил повик за дејствување на овој хуманитарец. Оттогаш тој собрал и доставил повеќе тони помош, меѓу другите и донациите на фармацевтски концерни од Австрија и Германија. Тој лично за Грција патувал 32 пати со минибус.
Нема насмевка кога стомакот е празен
„Го правиме ова скоро две и пол години, но вака тешко не било никогаш. Улиците се празни, автопатиштата исто така. Луѓето се напнати. Ретко кој може да се види насмеан. Во болниците и сиропиталиштата остануваат дури и без оброк“, вели Шримпф. Тој стравува дека ако Грција банкротира во наредните недели ќе дојде до хуманитарна катастрофа.
Дали тогаш е потребна помош во огромни количества, а не само „Помош за Грција“ на Ервин Шримпф? Германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел изјави дека во случај Грција да банкротира веќе е ставена на располагање „соодветна хуманитарна помош“. „Ние Европејците не сакаме да го оставиме на цедило грчкиот народ“, изјави во неделата Зигмар Габриел. Хуманитарна помош му е најпотребна на уништениот здравствен систем. Портпаролот на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот за буџетски прашања, Екарт Реберг за весникот „Велт“ изјави: „Мислам дека е прерано да се говори за хуманитарна помош, но не ја исклучувам можноста дека наскоро ќе дојде до тоа“.
Сирија, Украина, Грција?
За хуманитарна помош во странство во Германија е задолжено Министерството за надворешни работи. Но, самото Министерство не се занимава со тоа, туку, како што самите велат, Министерството бара „одредени хуманитарни проекти и програми на хуманитарните организации на ОН, германски невладини организации, Црвениот крст и Црвената полумесечина“. Така и сојузната влада на Германија минатата година одобри 437 милиони евра помош, посебно за Сирија, Ирак, Украина, Јужен Судан и регионите кои минатата година беа погодени од епидемија на ебола во западна Африка.
Конкретни планови за упатување хуманитарна помош за Грција на државно ниво се‘ уште нема. Затоа што, уште не е јасно дали ќе дојде до државен банкрот. Ситуацијата во воените зони ширум светот, каде што на луѓето им треба итна помош и поддршка, е повеќе од драматична. Исто така, кога станува збор за мнозинството хуманитарни организации Грција не е ни во врвот на листата. Исто така е и во Црвениот крст на Германија. „Ние ќе се активираме само ако од нас помош побара партнерска организација - во овој случај тоа е Црвениот крст од Атина“, вели портпаролот на Црвениот крст на Германија во интервју за Дојче Веле. „А таков повик до сега не е упатен во Меѓународната федерација на Црвениот крст.“
Помош за децата од Патра
Сепак, најмалку една организација е подготвена за помош - „Диакони“, хуманитарна организација на Евангелистичката црква во Германија. „Диакони“ од Виртемберг веќе поддржува проекти, како на пример „што“ со храната за сиромашните. А поради тоа што во виртембершкиот дел од организацијата „Диакони“ работат многу луѓе со грчко потекло, со Грција се одржува добра врска, вели Дирк Кауфман, претседател на Црковниот совет. „Но, тоа сигурно уште ќе се прошири со оглед дека потребата е огромна.“
Се проценува дека околу четири милиони Грци живеат на границата на сиромаштијата и Европа тоа не смее тоа да го дозволи, смета хуманитарецот Ервин Шримпф. Тој бара итна помош, како на пример за луѓето со посебни потреби во Патра, која ја посетил на патот за Атина. „Таму 66 деца се во исчекување дали некој ќе им донира храна. Раководството на сиропиталиштето веќе нема пари да купува храна.“