Грција: Меркел во куферот носи поддршка за реформите
11 април 2014Уште при средбата со грчкиот премиер Андонис Самарас во ноември 2013 година во Берлин, канцеларката гo пофали грчкиот реформски напредок, посебно фактот што Атина направи т.н. „примарен суфицит“ во буџетот - поточно, првпат по 11 години грчката држава имаше поголеми приходи отколку расходи, ако не се земат предвид каматните товари за отплата на долговите.
Посетата на Ангела Меркел денеска (11.04), според грчкиот министер за надворешни работи и вицепремиер, Евангелос Венизелос, е конечен доказ дека неговата земја „отвора нова страница“. Пред планираното враќање на Грција на финансиските пазари, канцеларката сака да даде знак на поддршка, изјави Венизелос на маргините на средбата на ЕУ-министрите за надворешни работи во саботата (05.04) во Атина.
Јоргос Цогопулос од атинската тинк тенк група Елиамеп не е толку ентузијаст: „Пазарите можат да ја сметаат поддршката од Берлин како гаранција, со оглед што во Грција се спроведени веќе многу од ветените реформи. Но, политичката симболика сама по себе не е доволна“, предупредува тој во разговор за Дојче веле. Сега е посебно важно Грција да продолжи да се придржува на договореното и со тоа да ја врати трајната доверба на пазарите, смета Цогопулос.
Враќање на финансиските пазари
Со недели во Атина се шпекулираше околу тоа дали Грција веќе во првата половина од оваа година треба да се осмели да се врати на финансиските пазари. Против тоа зборуваше двоумењето на рејтинг агенцијата Мудис повторно да ја зголеми оценката за кредитоспособноста на земјата. Одлука околу тоа требаше да биде донесена уште минатата недела, но е одложена за почетокот на август. Вчера, сепак, беше направен првиот чекор на враќање на пазарот на капитал, кој Атина го оцени како многу успешен.
Економскиот аналитичар и раководител на економскиот портал Capital.gr, Танасис Мавридис смета дека постојат добри предуслови.
„Меѓународните инвеститори моментно ги напуштаат земјите во развој и бараат сигурни инвестициски можности во Европа. Тука Грција може да има добри шанси“, потенцира Мавридис.
Тој укажува на фактот дека многумина инвеститори се раководат од краткорочни интереси и не веруваат недвосмислено во завршувањето на грчката криза.
„Не смее да се заборави дека дури и во 2009 година имаше силна побарувачка по грчки државни обврзници, иако кризата веќе беше пред врата“, вели Мавридис во разговор за Дојче веле, додавајќи: „Според оваа логика, враќањето на Грција на финансиските пазари не сигнализира нужно и крај на должничката криза“. Но, се нудат шанси. Ако Грција успее „да се одржи на брановите“, сепак ќе се впумпаат свежи пари во реалната економија, верува атинскиот економист.
Охрабрување за реформи од Германија
Германските политичари минатите месеци интензивно ја следеа грчката реформска програма. За потсетување: пред Божик во посета во Атина беше државниот министер во Министерството за надворешни работи, Михаел Рот, две недели потоа шефот на германската дипломатија, Франк-Валтер Штајнмајер. По доаѓањето на германскиот претседател Јоахим Гаук, што предизвика големо медиумско внимание, сега следува посетата на Меркел, втора во рок од само 18 месеци.
Зачестеноста на посетите од Германија не е случајност, смета Цогопулос.
„Политичкиот став на Германија кон Грција се чини посебно пријателски откако во Берлин беше донесена конечната одлука Грција да биде задржана во еврозоната“, објаснува политикологот. Според негово мислење, трендот започна уште во август 2012. година. Сега германската политика го следи континуитетот и сака активно да им помогне на Грците да ги постигнат своите цели за штедење.
Зашто, некои од нив бавно напредуваат: уште во летото 2013 германскиот министер Волфганг Шојбле во Атина го потпиша преддоговорот за формирање грчки инвестициски фонд по примерот на германската банка за поддршка КфВ, со кредитен волумен од 500 милиони евра. Но, во меѓувреме малку нешто се случи со оглед на финансиските тешкотии на грчка страна. Според информациите на атинскиот весник „То вима“, канцеларката планира повторно да го заживее проектот, со учество на КфВ, грчката фондација Оназис и Европската инвестициска банка.