Грција ги празни нелегалните бегалски кампови околу Идомени
13 јуни 2016Во камповите кои сега се расчистуваат, според медиумите, престојуваат главно курдски семејства од Сирија. Сите околу 3.000 луѓе треба до вечер да бидат префрлени од илегални кампови никнати кај бензиска станица и на приватен имот во близина на Поликастро, во официјални бегалски сместувалишта во регионот, изјави портапрол на грчката полиција за агенцијата АФП. За таа цел се обезбедени повеќе автобуси. Расчистувањето на импровизираните кампови се врши без присуство на јавноста, а засега се одвива мирно. Двата диви кампа настанаа по релоцирањето на бегалците од големиот камп Идомени пред две недели. Во Идомени со месеци упорно чекаа десетина илјади луѓе во мизерни услови, надевајќи се на повторно отворање на Балканската бегалска рута. Но, не сите тие сакаа да заминат во други прифатилишта, па кај Поликастро беа подигнати диви кампови на околу 20 километри од границата на Грција кон Македонија. Моментно во Грција се наоѓаат околу 50.000 бегалци имигранти кои всушност сакаа да стигнат во Германија и во други северноевропски држави.
Видео - празнењето на големиот бегалски камп кај Идомени