Грците и Германците меѓу љубов и омраза
5 март 2014Германско-грчките односи се далеку од опуштени. Меѓусебните напади главно се пренесуваат во медиумите и функционираат. Грчките медиуми често пишуваат за четвртиот рајх, чија природа е главно финансиска. Наспроти тоа, германските таблоиди Грците ги карактеризираат како корумпирани и непродуктивни мрзливци, кои се самите виновни за својата економска пропаст. Ваквите оценки за Грците се „примитивни и понижувачки“, пишува филозофот Никос Диму во својата книга „Германците се виновни за сѐ“, која штотуку се појави во германски превод и ветува дека ќе стане бестселер. И покрај сите медиумски кампањи не може така едноставно да се објасни зошто моментално Германците во Грција се поомразени дури и од Американците.
Комплекс на пониска вредност
Диму пишува дека Германците се одговорни за тоа што националното его на денешните Грци достигнало големи размери. Токму германските интелектуалци како Гете или историчарот на уметност и археолог Јохан Јоахим Винкелман го воздигнувале населението на Грција како достојни наследници на старите Елени. Винкелман пишувал за грчкиот антички свет како идеален.
Сепак, меѓу модерните Грци- кои 1830. се ослободиле од османлиското владеење и основале своја држава- дури 98 проценти биле аналфабети. „Не доживеавме ренесанса ни реформација. Кога се ослободивме, бевме во феудална состојба“, пишува Диму. „Одеднаш моравме да бидеме достојни наследници на прочуените стари Грци, а од друга страна европски граѓани. Тоа беше малку претерано.“
Авторот смета оти Грција и денес страда од овие нереални очекувања. Граѓаните во својата свест ја врежале улогата на наследници на античките Грци иако на тоа не се дораснати. Од тоа се родил комплекс на пониска вредност во кој особено се болни критиките од Германија.
Стереотипите се главно точни
Освен потценувачкото пишување на таблоидите за Грците, Диму се осврнува и на меѓународната кредиторска Тројка која веќе 5 години, пред сѐ на инсистирање на Берлин, од Грција бара силно стегање на ременот. Тоа Грците не можат да го разберат. А кога се работи за обвинувањата за корупција- не се ли токму германските концерни како Сименс оние кои најмногу подмитуваат? Диму ѝ забележува на Германија и на игнорантност. Еден Германец не може да разбере дека поради историски причини и поради менталитетот Грција не може да функционира како Германија. „Не покажаа почит за нашата посебност. За да може едно општество да се реформира, верувам дека тоа општество најпрво треба да ја разбере и почитува субјективноста на луѓето“, смета авторот.
Некои од дванесетте поглавја се напишани низ платонски дијалози. Диму со задоволство си поигрува со предрасудите, како на пример дека луѓето во Западна Европа пред сѐ размислуваат рационално, додека Грците најчесто се водени од емоции. „Она што обесхрабрува кај ваквите стереотипи е тоа што тие се главно точни“, наведува авторот. На пример: „Грците обожуваат теории на заговор, тие го олеснуваат разбирањето на некои ситуации бидејќи сѐ поедноставуваат. Сега имаме добро и лошо момче, а лошото момче е Германија.“
Секако, Диму во добар дел е саркастичен кога пишува дека токму Германците се за сѐ виновни. Тој не припаѓа меѓу Грците кои ја мразат Германија, напротив: „Дел од мене се чувствува германски. Чувствувам оти Минхен ми е втора татковина“, вели 78- годишниот Диму кој од 1954. до 1960. студирал филозофија во главниот град на германската покраина Баварија. Поради тоа книгата е обид на Грците и Германците да им се доближи како размислуваат оние другите.